Во Србија пак над 6.000 новозаразени, најавени ковид-сертификати

Во Србија во понеделникот повторно се регистрирани повеќе од 6.000 заразени со коронавирусот на дневно ниво а починале уште 27 пациенти, според податоците на министерството за здравство.

Од 21.163 тестирани примероци, 6.249 биле позитивни на коронавриусот. Во моментов на болничко лекување ширум земјата се 3.057 пациенти, а од нив 142 се на респиратор.

Од поечетокот на епидемијата во Србија, на 6-ти март минатата 2020 година, досега се регистрирани вкупно 823.161 случај на коронаинфекција, а пријавени се 7.575 смртни исходи како последица на компликациите кои ги предизвикува коронавирусната болест Covid-19.

Досега барем со една доза од вакцините против коронавирусот се вакцинирани 2,83 милиони полнолетни граѓани, што е малку над 50,5 отсто од вкупната популација, а од неодамна овозможената трета или „бустер“ доза од вакцината ја примиле досега 6 отсто граѓани. Поради тоа зачестија апелите за вакцинирање на што поголем број малди лица кои сега се и најбројни меѓу новозаразените.

Тоа, меѓу другото, е и причина Кризниот штаб и извршната власт да размислуваат за воведување на ткн ковид-сертификати, што и официјално го најави премиерката Ана Брнабиќ.

„Видовме деновиве и седмициве дека тоа беше можно во некои други земји. Не можете да ги условувате луѓето со сертификати да влезат во продавница по леб и млеко, но и полека се подготвуваме да воведеме пропусници на оние места на коишто не е неопходно луѓето да престојуваат, каде што животот не им зависи од тоа, како во затворени простори, кафулиња, барови, ресторани и ноќни клубови“, истакна Брнабиќ.

Членовите на епидемиолошткиот Кризен штан, покрај сертификатите, се залагаат и за построго почитување, контролирање и казнување на прекршителите кои не ги почитуваат актуелните епидемиолошки мерки и ограничувања.