Во Србија годишно од рак умираат над 20.000 луѓе

Во Србија секоја година од рак умираат повеќе од 20.000 луѓе, а се дијагностицираат уште околу 36.000 случаи, објави во неделата градскиот Завод за јавно здравство во Белград.

Србија, инаку, се смета за земја со среден степен од ризик за заболување од рак, иако заболувањата од групата малигни тумори се најчестата причина за смрт, бидејќи со нив е поврзан секој петти смртен случај во земјата, се наведуваа во соопштението на споменатиот белградски завод.

Според податоците од популацискиот регистар за малигни заболувања на споменатиот завод, во 2016 година, последната статистички обработена година, евидентирани се 411 новозаболени на 100.000 жители на Белград. Во српската престолнина, инаку, на 100.000 жители има вкупно 3.198 лица заболени од некоја малигна болест.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) предупредува дека малигните заболувања ширум светот се во пораст, бидејќи од 12,7 милиони во 2008 година и заболувањата од тие болести четири години подоцна во 2012-та достигнале околу 14,1 милиони луѓе.

Според Меѓународното здружение за борба против ракот (IARC), приближно секој петти откриен случај на карцином може да се поврзе со одредени инфективни агенси, како што се вируси или бактерии.

Според процените на здравствените стручњаци, до 2032 година од некоја форма на рак ќе заболат 25 милиони луѓе ширум светот, што значи дека порастот на малигнитетот во следните петнаесет години ќе изнесува околу 70 отсто.