Среде пандемија и со енормен број новозаболени, сé уште нема вакцини за сезонски грип

Во ек на пандемија кога бројот на новозаболени од коронавирус е во невиден пораст во Македонија, министерот за здравство Венко Филипче дури сега набавува вакцини за сезонски грип.

Додека земјите од регионот уште пред три месеци набавија вакцини за сезонски грип за ризичните групи на граѓани, во земјава министерството за здравство дури пред четири дена соопшти дека официјално е финализиран договорот со фирмата „Елбиор“ која е и единствен понудувач на тендерот за набавка на сезонски вакцини против грип.

Ако се земе во предвид дека во болниците и амбулантите е невиден хаос во државава, како и порастот на бројот на заболени од коронавирусот, за што најризични се постарите генерации, вакцините во ваква ситуација требаше да бидат до сега набавени и да се спроведе вакцинирањето на населението.

Министерството за здравство вели дека ќе се набават 40.000 дози на вакцини за сезонски грип за бесплатна вакцинација и 4.000 за комерцијална употреба.

Но, иако вакцинацијата која доцни е најавена дека ќе се спроведе до крајот на месецот, матичните лекари се уште немаат добиено никакво упатство, ниту пак термини за тоа како ќе се спроведува вакцинацијата во сред епидемија.

Да потсетиме дека само пред неколку години и тоа во ситуација кога немаше пандемија на вирус, вакцинацијата се вршеше на почетокот од сезоната на грипови и тоа од септември месец, најкасно до крајот на октомври месец во годината. Оваа година ситуацијата е алармантна затоа што граѓаните над 65 години кои се и најризични групи за заболување од коронавирус, Филипче не само што навреме не ги набави вакцините за нив, туку начинот на кој тоа ќе се врши уште е непознат за јавноста.

Ако земеме предвид дека во болниците низ земјава преовладуваат турканици и се речиси секогаш полни поради неможноста граѓаните да ги извршат здравствените услуги на нормален начин поради кризата. Доцнењето со вакцинацијата ќе создаде дополнителни главоболки за граѓаните, но и се ставаат под ризик сите граѓани кои би дошле до контакт со ризичните групи на кои им е неопходна вакцината за грип, а во ваква ситуација не смее да се дозволи доцнењето на вакцинацијата да предизвика дополнителен хаос низ болниците и зголемување на и онака енормиот број на заболени од КОВИД-19 вирусот.