Во среда сите на велосипеди, да се сврти вниманието за простор за сите

Во среда (24.09.2014) ќе се одржи Критична маса број 29 на тема „Простор за сите!“. Оваа тема е избрана заради хаосот кој настанува во сообраќајот во Скопје секојдневно.

„Автомобилите на пешачка патека, пешаците на велосипедска, велосипедистите на коловоз. Секојдневие во Скопје. Збунети пешаци, незбезбедни велосипедисти, нервозни возачи. Невозможно да се излезе од дома за оние кои се движат со помош на количка. Конфликти насекаде. Сите сме во иста каша. Излез има. Комплетни улици!
Улици кои нема да бидат дизајнирани и користени само со автомобилот во фокус, туку кои ќе овозможат, безбедно, практично и удобно патување и пристап за сите учесници во сообраќајот од сите возрасти и со сите способности, без разлика дали патуваат со автомобил, со автобус, со точак, пешки, со инвалидска количка.Патека за сите типови учесници и дизајн според нивните потреби.Придобивките од комплетни улици се подобрена општа безбедност, подобрено општо здравје, економски и еколошки придобивки за градот,“ велат од „На Точак“

Велосипедистите бараат патеки кои веќе се испланирани со одредена намена: велосипедски или пешачки, да им се вратат на велосипедистите и пешаците! Новите улици, булевари, кружни текови и други сообраќајни решенија кои се планираат, бараат да ги земат предвид и другите типови транспорт, а не само индивидуалниот моторизиран.
Кога се извршуваат градежни работи, да не се води сметка само да пројдат автомобилите, туку да се најде решение безбедно да пројдат и пешаците и велосипедистите.

„Улиците кои во начинот на функционирање ги земаат предвид и немоторизираните учесници (најранливите) со: издвоени патеки, добро решени свртувања и преминувања, автобуски постојки и паркирани возила кои не се во конфликт со велосипедскиот сообраќај, проточност за тркалата на количките…ги намалуваат судирите и повредите на ранливите учесници до 88%. Воведувањето (почитувањето) на издвоени велосипедски патеки придонесува не само за поголема проточност и безбедност на велосипедистите, туку за зголемена проточност и безбедност на сите! Не само задоволство кај велосипедистите, туку задоволство и кај возачите на автомобили,“ додаваат од „На точак“

Ќе се вози во различни средини со различни проблеми. Прво на Кеј каде во секојдневното возење се среќаваме со проблемот: мопеди и пешаци на велосипедската патека. Во еден дел ќе се поминеме по улица на која нема велосипедска патека.

Главниот дел од движењето ќе биде на Партизанска која иако оригинално е испланирана како улица за сите видови сообраќај, во начинот на функционирање, ги сумира сите сообраќајни проблеми во Скопје: особено непријатна за пешаци и велосипедисти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.