До новинската агенција „Мета“ биле испратени фотографии од инсекти во храната од ресторанот. Директорот на домот потврдил дека ги видел фотографиите, но не е сигурен во нивната веродостојност, а од АХВ соопштија дека добиле барање за инспекциски надзор, но не било прецизирано што точно се пријавува за да може да постапи Агенцијата.
Кујната е отворена и работи, а веќе три недели се случува да наоѓаме бубачки во храната“.
„Во мојата порција имаше инсект и пријавив, но директорот ни кажа дека проблемот бил до нас, дека ние ги носиме инсектите преку облека. Исто така во лебот имаше црви и тоа го пријавивме, но не презедоа ништо. Вработените во кујна ни кажаа дека нашле лебарки, дека исчистиле и дека ставиле некаков лепак кој бил отровен“, сведочат дел од студентите кои случајот го пријавиле до Мета.
„Можам да кажам дека фотографија може секој да направи, денеска со напреднава технологија сè е можно. Дојдоа и кај мене со таква фотографија, не можам да потврдам дека е тоа вистина, но во истиот момент реагирав кај Центар за јавно здравје, дојдоа од нивна страна, извршивме дезинфекција, дезинсекција и дератизација во кујната на ресторанот. Од тој момент навака нема никакви поплаки досега“, тврди директорот Куциноски.
Според него, на студентите во домот им било забрането да изнесуваат храна од мензата и да ја носат во собите, алудирајќи дека инсектите во храната можеби влегле од друго место, а не од кујната.
„Не можам да кажам со сигурност дека е веродостојно. Тој (инсектот) може да биде ставен, да паднал од горе, не значи дека произлегол од кујна. Кога студент ќе ја однесе храната горе, не можам да гарантирам дека такво нешто не може да се случи. Стриктно дадов наредба кај колегите – најголем проблем е студентите што јадењето го земаат во соби, им го забранив тоа, не смее храна од ресторан да се изнесува во соба, а тие цело време го правеа истото, секој ден“, вели директорот на охридскиот студентски дом.
Од Агенцијата потврдуваат дека до нив стигнала претставка која се однесува на студентскиот дом „Никола Карев“ со барање да се спроведе инспекциска контрола, но подносителот не прецизирал за какви наводи станува збор за да може Агенцијата да постапи.
„На 23.03.2023 година, до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) пратена е претставка од физичко лице без дефинирани наводи, со иницијатива да се спроведе инспекциска контрола. Поради ова, Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ побара од подносителот на претставката да ги прецизира наводите и да посочи кој е субјектот за кој се иницира спроведување на инспекциска контрола. До овој момент до АХВ не е пристигнато дополнување на претставката за да може Агенцијата да постапи согласно законските надлежности“, велат за Мета.мк од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Покрај сместувањето на студенти што студираат на државните универзитети, овој Дом функционира и како туристички оператор кој сместува и странски студенти што плаќаат економски цени за престој.