Во Судан пукано на авион за евакуација, има повредени

Суданските паравоени сили за брза поддршка (РСФ) пукаа врз турски авион за евакуација при слетувањето на аеродром во близина на Картум, при што е ранет член на екипажот.

Во нападот е оштетен и резервоарот за гориво, соопшти суданската армија, наведувајќи дека авионот слетал безбедно и оти леталото се поправа.

Вооружената борба за власт меѓу суданската армија и РСФ избувна на 15 април, а од полноќ меѓу понеделник и вторник стапи во сила првиот 72-часовен прекин на огнот.

Суданските вооружени сили (САФ) соопштија дека САД и Саудиска Арабија посредувале за договор за прекин на огнот и оти прекинот на огнот се користи за евакуација на странски државјани од Судан.