Во светот 700 милиони туристи за седум месеци, само Блискиот исток над 2019-та

2

Од почетокот на годината до крајот на јули ширум светот патувале 700 милиони туристи или 43 отсто повеќе отколку во истиот период во 2022 година, а тоа е 85 отсто од туристите од претпандемиската 2019 година, додека тоа може да се зголеми на околу 95 отсто до крајот на 2023 година, покажуваат новите податоци и прогноза на Светската туристичка организација (UNWTO).

Пренесувајќи ги податоците од новото издание на својот светски барометар, UNWTO истакнува дека во периодот меѓу јануари и јули 2023 година, Блискиот исток, Африка и Европа се приближија до нивото 2019 година во сферата на меѓународни пристигнувања на туристи.

Истовремено, сметаат дека е важно туристичката побарувачка да не се намалува, туку да се зголемува и, според проценката на UNWTO, да покаже одржливо закрепнување.

За јули, UNWTO нагласува дека од крајот на пандемијата, тој е најфреквентниот туристички месец во светот со 145 милиони меѓународни патници, што покажува дека туризмот силно закрепнува во сите делови на светот, но и се прилагодува на новите околности и на побарувачката.

Новото издание на светскиот барометар на UNWTO открива дека единствениот регион во светот кој го надминал резултатот од 2019 година во седумте месеци од 2023 година е Блискиот исток, со 20 отсто повеќе меѓународни туристички пристигнувања, додека Африка и Европа заостануваат со 92 и 91 отсто соодветно.

Во седумте месеци од 2023 година, Америка достигнала 87 отсто од пристигнувањата на туристите во споредба со истиот период во 2019 година, а за Азија и Пацификот, UNWTO вели дека, според достапните податоци, закрепнувањето на туризмот, исто така, забрзало на околу 60 отсто од нивото на пристигнување на странски туристи пред пандемијата.

Врз основа на податоците и информациите на пазарот, UNWTO предвидува дека до крајот на 2023 година меѓународниот туризам би можел да достигне 95 отсто од нивото на меѓународни туристички пристигнувања пред пандемијата.

„Изгледите за последниот квартал од оваа година укажуваат на продолжување на закрепнувањето, но со поумерено темпо по шпицот на летната сезона. Повторното отворање на Кина и другите азиски пазари и дестинации се очекува да продолжи да го поттикнува патувањето“, велат од UNWTO.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.