20.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Во светот се поголем притисокот за вакцинација против Ковид-19

Додека во светот расте бројот на заразени и починати од Ковид-19, во повеќе земји се воведуваат построги мерки за невакцинирани луѓе, мерките за борба против пандемијата повторно се враќаат таму каде што беа укинати, а СЗО секојдневно изразува загриженост поради недостигот на вакцини за одредени земји и повторува дека вакцинацијата е единственото оружје против пандемијата.

Последната информација од Светската здравствена организација е дека во оваа фаза не е подготвена да препорача дополнителни дози на вакцина против коронавирус за да се подобри заштитата. Ова го изјави на брифинг главниот научник на СЗО Сумија Сваминанатан. Таа сепак додаде дека за ова прашање постојат и морални и етички аспекти.

– На некои популации можеби им требаат засилувачки дози, но ние не сме подготвени да ги препорачаме во овој момент. Покрај тоа, немаме неограничени резерви. Ова значи дека сега мора да се испратат вакцини прво до оние на кои им се потребни. Не треба да се дозволи секој ден од коронавирус да умираат 10.000 луѓе. Затоа повикуваме на привремен мораториум за засилувачите, така што до крајот на септември да бидат вакцинирани 10 проценти од населението во секоја земја и 40 отсто до крајот на годината, рече Сваминанатан.

За ова време, веќе ќе можат да се добијат и поточни податоци за засилувачите, истакна таа.

Светската здравствена организација (СЗО) претходно соопшти дека бројот на нови случаи на коронавирус во светот се стабилизира на 4,5 милиони неделно, по постојаниот раст во изминатите два месеца.

Во последниот извештај на СЗО се наведува дека неколку неодамнешни студии покажуваат оти одобрените вакцини продолжуваат да обезбедуваат заштита од сериозни облици на болеста, но оти постојат докази кои покажуваат дека вакцините се помалку ефикасни во заштита од позаразните варијанти на коронавирусот.

Во меѓувреме, главниот медицински советник на Белата куќа, Ентони Фаучи изјави дека Ковид-19 во САД би можел да биде ставен под контрола на почетокот од следната година.

– Ако го придобиеме огромното мнозинство од оние 80 до 90 милиони луѓе кои не се вакцинирани, кои се колебаат да се вакцинираат или немале можност, се надевам дека ќе воспоставиме контрола следната пролет, изјави Фаучи.

Еден ден откако Американската Агенција за храна и лекови ((ФДА) ги одобри вакцините на Фајзер/Бионтек, Фаучи наведе дека со тоа е создадена можност за имунизација на што поголем број луѓе. Тој изрази надеж дека ФДА ќе одобри вакцинација и на децата против Ковид-19.

Во исто време, во Орегон маските повторно ќе бидат задолжителни на отворено. Со одредбата, која стапува во сила во петок, северозападната држава ќе биде првата во САД што повторно ќе воведе правило што беше вообичаено во најтешките денови на пандемијата. Правилата значат дека секој – вакциниран и невакциниран – мора да носи маска на секое јавно место каде што се мешаат луѓе од различни домаќинства.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека веднаш мора да почне вакцинација против коронавирус на сите припадници на армијата. Според податоците на Пентагон, повеќе од 800.000 војници треба да се вакцинираат. Остин наредил вакцинацијата да се спроведе брзо и да заврши за неколку недели, а не месеци.

Американскиот претседател Џо Бајден пред некој ден повика приватните компании да бараат од своите вработени да бидат вакцинирани. Дизниленд исто така воведе задолжителна вакцинација за своите вработени.

Американската држава Тексас отиде уште подалеку и најави дека доколку болниците се преполнат, приоритет за лекување ќе им се дава на вакцинираните лица.

Ако во северен Тексас почне да снемува кревети за интензивна нега, лекарите можеби ќе треба да го земат предвид статусот на вакцинација против коронавирус како фактор во одлучувањето кој ќе се лекува во болница, објави Форбс.

Здравствените власти се надеваат дека ќе избегнат ситуација во која ќе треба да им дадат приоритет на вакцинираните, но Форбс информира дека постои загриженост дека тоа станува се поверојатно.

Логиката по која се водат лекарите е претпоставката дека вакцинираните луѓе се со поголема веројатност да преживеат, што значи дека ако им се даде ним приоритет, се спасуваат повеќе животи.

Во Европа пак, Европскиот суд за човекови права го отфрли барањето на 672 француски професионални и доброволни пожарникари против обврската за вакцинација против Ковид-19, која им е наметната со законот од 5 август 2021 година. Судот оцени дека овие барања се надвор од опсегот на член 39 од неговите правила, што овозможува да се свика по итна постапка кога жителите се изложени на „реален ризик од непоправлива штета“. Пожарникарите се повикаа на одредбите на Европската конвенција за човекови права кои се однесуваат на „правото на живот“ и „правото на почитување на приватниот и семејниот живот“.

Во Словенија за една недела почнува учебната година, а Министерството за образовани испрати циркуларно писмо во кое се наведува дека вработените можат да добијат отказ ако одбијат да се тестираат на Ковид-19.

– Сите вработени во училиштата, тие што прележале, вакцинираните и тестираните треба да направат ПЦР тест, а тие што не се вакцинирани или кои не заболеле ќе мора секоја недела да се тестираат. Неоправданото тестирање ќе се смета за кршење на обврските од работниот однос, што значи дека вработените ќе добијат предупредување пред отказ или ќе се покрене постапка за отказ, а истото ќе важи и за вработените кои ќе одбијат да носат заштитна маска, се наведува во писмото на Министерството за образование.

Учениците и наставниците во Австрија ќе треба да се тестираат за коронавирус три пати неделно, без оглед дали се веќе вакцинирани или не, во текот на првите три недели од учебната година. По овој прв чекор, мерките за коронавирусот ќе бидат одредени во зависност од регионалната инциденца на инфекција, изјави денеска австрискиот министер за образование Хајнц Фасман.

Тестови потоа ќе се вршат само на доброволна основа, сè додека седумдневната инциденца на 100.000 жители е под 100. Маските ќе бидат задолжителни на отворено ако инциденцата е помеѓу 100 и 199 и мора да се користат во училници во случај на повисока стапка.

Во Грција, пак, со одлука на министерот за здравство Василис Кикиљас и алтернативниот министер Василис Кондозаманис, од 1 септември се отповикуваат сите редовни годишни одмори на сите вработени во болниците, брзата помош, во Националната организација за јавно здравје, како и во јавните установи за примарна здравствена заштита. Целта е здравствениот систем да биде оперативно подготвен, бидејќи според експертите земјата е веќе во четвртиот бран, а „првата половина од септември се смета за клучна за управувањето со пандемијата, со оглед на тоа дека граѓаните се враќаат одмор и се отвораат активности во општеството“.

Паралелно, од 1 септември стапува во сила и одлуката на грчката Влада за задолжителна вакцинација на здравствените работници, а во спротивно предвиден е принуден, неплатен одмор.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, коментирајќи ги анти-ковид мерките во земјата, рече дека 90 отсто од луѓето на интензивна нега се невакцинирани.

– Експертите велат дека невакцинираниот има 13 пати поголема можност да се разболи, да биде приклучен на апарати. А ова станува 20 пати повеќе за оние што се над 60 години. Што треба да направи Владата? Да седи со скрстени раце?, истакна Иконому.

Советот на министри на Бугарија го продолжи траењето на прогласената вонредна епидемиска состојба, од 1 септември 2021 година до 30 ноември 2021 година, соопшти прес-центарот на кабинетот.

И во Албанија техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата, одлучи во земјата да продолжат анти-ковид мерките, меѓу кои и полицискиот час и упати апел до граѓаните на нивно почитување и што поитна имунизација. Полицискиот час и понатаму ќе трае од полноќ до 6 часот, музика во угостителските објекти ќе може да има до 23:00 часот, останува обврска за носење маската во затворени простории и каде има групирања, особено на аеродроми, ќе продолжат да се дозволуваат собири на отворено до 50 луѓе, спортски активности, театарски претстави и културни настани, со пополнетост на капацитетите до 30 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.