11.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Во светот се повеќе заразени со коронавирусот, Борисов во карантин

Бугарскиот премиер Бојко Борисов заминува во карантин откако шефицата на неговиот кабинет Деница Желева покажа позитивен тест на коронавирусот.

Борисов како што пренесуваат тамошните власти е негативен на првиот тест, но сепак наредниот период ќе го помине во превентивен карантин. Покрај Борисов, тестирани се и сите членови на бугарската делегација која неодамна во Брисел учествуваше на самитот на Европскиот совет. Во Бугарија изминатиот период има близу 10 илјади заболени и 330 починати од вирусот.

Во Србија пак, која изминатиот период руши рекорди на ново заразени, бројките на заболени се искачија на над 22 илјади лица и преку 500 починати. Тамошните здравствени власти велат дека иако според нив бројката на оздравени постепено се зголемува, сепак ситуацијата е многу тешка.

Се уште е многу тешка ситуацијата, далеку сме од тоа дека сме во некоја безбедна зона. Зошто тоа го кажувам? Многу е важно во овој момент, ние сме сега пред викенд. Многу е важно да се сочува таа дисциплина. Факт е дека мерките не се почитуваат во Белград. Кога тоа го велам, не мислам дека апсолутно не се почитуваат, но кога е поврзано со локалите јасно е дека се надминуваат границите од 23 часот.

Ситуацијата во Србија ескалираше до степен што над 2000 доктори потпишаа петиција во која бараат оставка од кризниот штаб. Потписниците бараат организирање на постапка во која со сигурност ќе се провери бројката на заболени и починати од Коронавирусот.

Во дел од државите како Словенија и Црна Гора пак кои пред неколку недели прогласија крај на епидемијата, сега се соочуваат со втор бран на заболени. Во Црна Гора веќе има над 2500 заболени, а Словенија која има слична бројка, постепено почна да се наоѓа на црните листи за патување ширум Европа.

Во моментов имаме голем проблем со индивидуални жаришта. Прикривањето на контактите не е во ред и ни штети како општество. Некои во земјава се уште се однесуваат како да не биле во Словенија изминатите четири месеци, па се одново изненадени од мерките и инструкциите кои повторно ги враќаме.

Интересен случај пак се појави во Чешка. Бројот на заразени со коронавирус кои се поврзуваат со еден ноќен клуб во Прага порасна на 98, вклучувајќи и неколку спортисти, што за тамошните власти е еден од најголемите кластери во државата од почетокот на епидемијата. Чешките медиуми објавија дека најголемиот дел од гостите се заразиле, бидејќи пиеле од истиот пијалок со иста сламка.