Во технолошките зони нови 3.850 директни вработувања

Премиерот Никола Груевски денес најави нови 3.850 директни вработувања како резултат на странските инвестиции во зоните во земјава, чии објекти се почнати и наскоро треба да завршат со градба.

– Во овој период од месец и пол – два има активности на околу осум компании во Македонија. Три од нив веќе почнаа производство во последните месец дена, тоа е италијанската „Дијатек“, германската „Техникал текстил“ и вчера компанијата од Дубаи „Ејпл Ленд“ во Ресен. Две од нив започнаа градба на свои фабрики, тоа е оваа ОДВ „Електрик“ и „Кондево“ од Италија, а дополнителни три се во завршна фаза на градба и некои од нив во наредните месец, два до три ќе почнат со  производство, тоа е компанијата КСС во Кичево, компанијата „Макард“ во Велес и „Гентерм“, рече премиерот Груевски во одговор на новинарскопрашање по поставувањето на камен-темелникот на објектот на ОДВ Електрик во технолошката зона Охрид/Струга.

Се на се, нагласи, овие компании кои треба сега да започнат и наскоро треба да ги завршат своите градби, ќе резултираат со вкупно 3.850 директни вработувања, плус индиректни вработувања што ги има при секоја инвестиција. Од нив, како што рече, 1.000 се во КСС, околу 600 се во „Макард“ и 2.000 во „Гентерм“.

– „Гентерм“ веќе започна со градба на својата фабрика, вработија и испратија луѓе на обуки, така што очекуваме некаде на пролет следната година да биде готова нивната фабрика и да почне производство. Тие ќе вработат 2.000 луѓе, „Макард“ во октомври ќе почнат со работа, ја завршуваат фабриката, последните детали се доградуваат и некаде во средината на октомври ќе почне производство. И КСС, е исто така, во длабока фаза на градба и очекуваме и тие во наредните неколку месеци да ја завршат. Овие три фабрики заедно со „Кондево“до март ќе вработат 3.850 директни вработувања. Заедно со индиректни можам да претпоставам дека тоа би било некаде помеѓу пет и шест илјади, прецизира Груевски.

Посочи дека вработувањето ќе биде етапно во зависност од начинот на кој се развива производството и извозот на компаниите, но нагласи дека планот им е да ги достигнат овие бројки на вработување за максимум две години.