Во текот на одржувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од групата Г7 во Минстер во германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, од историската Мировна сала отстрането било Распетието, потврди во петокот германската влада и истакна дека тоа наводно не било сторено по налог на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од партијата Зелени.
„Распетието е отстрането, но станува збор за договор на протоколот и градот Минстер“, изјави портпаролот на министерството за надворешни работи и додаде дека во рамките на подготовките за состанокот во историската сала биле направени уште неколку „корекции од технички причини“.
Истовремено дневниот весник Westfaelische Zeitung извести дека Распетието е отстрането од салата по барање на министерството за надворешни работи, што било објаснето дека на состанокот учествуваат лица со „различни верски заднини“.
Групата седум индустриски најразвиени земји Г7, инаку, ја сочинуваат Германија, САД, Велика Британија, Франција, Италија, Канада и Јапонија, а Германија моментално претседава со групата.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја избрала Мировната сала во којашто во 1648 година бил потпишан Вестфалскиот мир, со кој е завршена Триесетгодишната војна.
Властите на градот Минстер, кој уште во VIII век било седиште на епископат, потврдиле дека ова е првпат во историјата организаторите на некој состанок во историската сала да бараат да се отстрани Распетието кое во салата стои уште од 1540 година.