Во Тетово нормализирано снабдувањето со електрична енергија

По 14 часот е нормализирано снабдувањето со електрична енергија во западниот дел од Тетово, информираат од ЕВН Македонија. Саниран е дефектот, односно повторно е поврзан искинатиот подземен кабел со остатокот од електродистрибутивната мрежа.

-Стануваше збор за дефект во подземната инсталација, кој што настанал спроти трафостаницата Тетово 1 на булеварот „Видео Смилевски-Бато“. Долготрајниот период во прекинот на снабдувањето со електрична енергија беше поради потребата да се копа асфалт и бетон на улицата и тротоарот со цел да се дојде до искинатиот кабел. Поставена е нова спојница по што е нормализирано снабдувањето со електрична енергија во целиот град, информираше Атанас Ковачески, портпарол на ЕВН Македонија.

Дефектот се случи во неделата околу 18 часот поради што без струја останаа над 800 домаќинствата и корисници на потегот од булеварите „Благоја Тоска“, „Илирија“ и „Видео Смилевски-Бато“.