Во Тетово одземени автомобили и мотоцикли подготвени за диви трки

Тетовската полиција во текот на продолжениот викенд одзела неколку автомобили и мотоцикли кои биле модифицирани и предвидени за диви трки низ градските улици и локалните патишта. Со тоа полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово деновиве реализира повеќе конкретни мерки за поголем сообраќаен ред во градот, потенцираат од СВР Тетово.

„Изминатиот продолжен празничен викенд времено се одземени пет моторни возила откако било утврдено дека возилата се забележително модифицирани и дека истите биле подготвувани за таканаречени „диви“ трки во доцните вечерни часови. Покрај ова, претходно на тетовското подрачје се одземени и неколку мотоцикли, кои создавале голема бучавост движејќи се по градските улици. Секторот за внатрешни работи Тетово повторно укажува дека најригорозно ќе се санкционираат сите евентуални учесници во „диви“ трки, како и оние чии возила се извор на преголема бучавост“, рече портпаролот Марјан Јосифоски.

Секторот за внатрешни работи Тетово ги потсетува сопствениците на возилата и мотоциклите дека неизбежно ќе се соочат со законски предвидените санкции кои согласно најновите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидуваат времено одземење на три дена или три месеци, зависно од видот и карактерот на прекршокот, а предвидена е, исто така, и парична глоба од 400 евра во денарска противвредност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.