Во тетовско Селце започна изградбата на ново основно училиште

Објектот во кој 70 години функционираше основното училиште „Рилиндја“ во тетовското село Селце, заминува во историјата. До 2025 година ќе биде изграден целосно нов училишен објект, за што Министерството за образование и наука ќе одвои 100 милиони денари.

Денеска претседателот на Владата, Талат Џафери и министерот за образование и наука Јетон Шаќири го поставија камен темелникот на новото училиште, кое ќе биде на два спрата со вкупна површина од 2400 квадратни метри, а предвидено е да има 9 училници, 2 кабинети по природни науки и еден по информатика, простории за наставниците,  библиотека, помошни простории, но и една училница за деца на претшколска возраст.

„Ова е само еден од проекти со кои покажуваме грижа за унапредување на квалитетот на образованието. Инфраструктурата е меѓу основните услови за квалитетна настава, поголема мотивација и кај учениците и кај наставниците. Новиот објект многу ќе значи за населеното место и посакувам да биде симбол на успеси“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека за оваа календарска година во буџетот на минитерството се предвидени 1,3 милијарди денари, што е најголем износ досега.

 

Стариот училишен објект во ова населено место бил изграден од страна на жителите во 1954 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.