Во ТИРЗ Кичево денеска стартуваше изградба на фабрика за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“ каде во првата фаза ќе бидат инвестирани 10 милиони евра и ќе се отворат 120 до 200 вработувања.
Александар Голабоски, извршен директор на Авеста Скопје, најави извоз од 50 милони евра во првата година од инвестицијата која вели ќе достигне 40 милиони евра, а бројот на вработени 600.
– Се надеваме дека објектот би бил готов наредната година.
Извозот во првата година согласно бизнис планот би бил околу 50 милиони евра, а во пикот на работењето на фабриката за седум-осум години очекуваме да се зголеми десеткратно, изјави Голабоски.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека стартот на инвестицијата е доказ дека со заедничка работа може да се направи многу. – Почнува убава инвестиција за овој дел на Македонија, за Кичево. Очекуваме максималниот број на вработени во одреден момент да достигне 600, зошто да не и повеќе, а извозот до половина милијарда евра за шест до седум години. Ова се само докази дека заеднички може да се прави многу. Директорот на ТИРЗ и инвеститорот направија многу за да заживее проектот, помина и на владина седница. Се ова е потребно да се сработи заеднички за да стасаме до оваа состојба денес и убеден сум дека инвеститорот нема да застане тука и оти ќе следи продолжување на инвестицискиот циклус, изјави Мицкоски.
Најави дека ќе бидат објавени и други инвестиции во наредниот период и ги повтори очекувањата за милијарда евра инвестиции до крајот на годината.
– Со тоа ќе бидеме најдобри по глава на жител на Балканот и се враќаме повторно но сигурно на мапата на инвеститорите, иако досега седум години бевме заборавени, рече Мицкоски.