Во торбата на доставувач откриена древна мумија

Перуанската полиција дошла до изненадувачко и бизарно откритие кога извршила претрес на еден доставувач кој го свртил вниманието врз себе бидејќи во саботата се однесувал како алкохолизиран на археолошкото наоѓалиште во областа Пуњо.

Откако во неговата торба за доставување продукти била откриена древна мумија, мажот рекол дека својата соба ја делел со мумијата во завои и сметал дека му е „еден вид духовна девојка“.

Останките ги ставил во торбата за да им ги покаже на своите пријатели, ѝ рекол на полицијата. Мумијата му е предадена на министерството за култура на Перу, коешто се грижи за заштита на културното наследство на земјата, а двајцата пријатели се исто така приведени и се под истрага.

Мажот идентификуван како Хулио Цезар појаснил дека „Хуанита“, како што ја нарекувал мумијата, ја држел во кутија во својата соба, покрај телевизорот. Додал и дека таа е во сопственост на неговото семејство веќе три децении, но не прецизирал од каде и како дошол до неа. Рекол и дека семејството се обидело да ја донира мумијата, но од непознати причини не успеало.

Стручњаците процениле дека останките биле стари меѓу 600 и 800 години и дека станувало збор за возрасен маж а не за жена, како што претпоставувал мажот кај која е пронајдена.

Се проценува дека мумифицираниот маж имал повеќе од 45 години во моментот на смртта и бил висок 1,51 метар. Мумијата била замотана во завои во фетална положба, којашто  е типична за предхиспанските погреби во таа област.

Мумифицирањето го практикувале разни култури во областа на денешно Перу пред доаѓањето на шпанските конквистадори. Некои мумии се погребани, додека други се извадени од гробниците и се прикажуваат за јавноста во текот на главните религиозни празнувања и фестивали.