Во Турција најмногу починати од коронавирусот во еден ден

Турција во петокот објави дека во изминатите 24 часа регистрирала 141 смртен исход како последица од компликациите предизвикани од заразата со новиот коронавирус, што е најголем показатал на дневно ниво досега, а пред стапувањето на сила на рестрикциите со кои треба да се запре ширењето на епидемијата во земјата.

По новиот висок број на починатите за кои извести вечерта минисерството за здравство, вкупниот број смртни исходи од Covid-19 од почетокот на епидемијата се зголеми на 12.804, а досега потврдени се повеќе од 435.000 случаи на коронаинфекции. Претходниот црн рекорд во Турција беше забележан на 19-ти април со 127 починати.

Најновите податоци се објавени кусо пред во петокот вечерта да стапат на сила низата мерки чијашто цел е спречување на ширењето на заразата.

Така, рестораните и баровите ќе може исклучиво да продаваат храна и вода за носење, а Тирците нема да може да излегуваат од своите домови од 20 часот навечер до 10 часот наутро следниот ден. Покрај тоа, трговските центри, големите продавници и фризерските салони мора да затворат во 20 часот, а кино салите ќе бидат затворени до крајот на годината. Наставата ќе биде организирана на далечина, исто така, до крајот на декември.

Најавувајќи ги рестрикциите во вторникот, турскиот претедател Реџеп Тајип Ердоган предупреди дека владата, доколку епидемијата продолжи да се влошува, ќе мора да „размисли за уште построги мерки“.

Лекарските здруженија тврдат дека вистинскиот број заразени со коронавирусот и починатите во Турција би можело да биде многу поголем од оној кој го објавува министерството за здравство. Но не прецизираат на што ги темелат таквите процени.

Гувернерот на мегалополисот Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е жесток противник на претседателот Ердоган, минатата седмица повика да биде прогласен карантин во финансискиот и културен центар на земјата, кој е особено тешко погоден во епидемијата, Според него, бројките на луѓето кои секојдневно умираат од Covid-19 во Истанбул се поголеми од бројките кои владата ги објавува во пресеците за изминатите деноноќија за целата земја.