Во Турција вакцинирани над пет милиони луѓе

Во Турција повеќе од пет милиони луѓе ја примиле првата доза од вакцината против Covid-19 која ја разви кинеската фармацевтска компанија Sinovac Biotech“ во рамките на кампањата за имунизација на населението која започна пред еден месец, покажуваат податовите на тамошното министерство за здравство објавени во четвртокот.

Здравствените власти во Турција со вакцинацијата започнаа на 14-ти јануари, и тоа вакцинирајќи ги прво здравствените работници и постарите граѓани. До четвртокот попладнето повеќе од 5,2 милиони луѓе ја примиле првата доза од кинеската вакцина против коронавирусот, покажуваат официјалните податоци.

Од нив околу 900.000 лица, меѓу кои се и највисокит владини функционери, ја примиле и втората доза од вакцината. Планирано е наставниците да бидат вакцинирани подоцна во февруари, пред отворањето на училиштата ширум земјата на 1-ви март.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган претходно во средата изјави дека во март ќе започне постепеното враќање на нормалниот живот, од покраина до покраина.

Во Турција од почетокот на пандемијата ланскиот март се регистрирани повеќе од 2,6 милиони заразени со коронавирусот и околу 27.000 починати од последиците на компликациите предизвикани од Covid-19, а во декември беа воведен долги карантини во текот на викендите, ноќен полициски час и други мерки поради значителниот раст на заразата. Сега и покрај забрзаната програма за вакцинирање, дневно се потврдуваат меѓу 6.000 и 8.000 случаи на заразата.