Во турски воздушен напад 17 мртви на северот на Сирија

Во турски воздушни напади врз позиции на северот на Сирија загинале 17 луѓе, во судирите меѓу турските сили и крудските борци во текот на изминатата ноќ, соопшти невладината организација со седиште во Лондон.

„Седумнаесет борци се убиени во турски воздушен напад на позиции на сирискиот режим (…) близу турската граница во селото Џаркалија, западно од Кобане… Не знаеме дали тоа се припадници на режимската војска или курдските борци кои ги контролираат тие области“, истакнал за Reuters директорот на Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) Рами Абдел Рахман, кој поседува сириски ресторан во Лондон.

Сириската службена новинска агенција SANA потврди дека најмалку тројца сириски војници загинале а уште шест се ранети, повикувајќи се на воени извор. Соговорникот предупредил дека „секој напад врз позиции кои ги држат нашите вооружени сили ќе наиде на директен и моментален одговор на сите боишта“.

Жестоки судири избувнаа ноќта меѓу Сириските демократски сили (FDS), поддржани од Западот а кои ги водат курдските Единици за заштита на народот (YPG), и турската војска која ги засилила бомбардирањата по напад врз нејзините позиции на турската страна од границата.

Официјална Анкара извести дека нејзини војник загинал во курдски напад на турска територија. Во противнападот „неутрализирани се 13 терористи“, се наведува во соопштението на турското министерство за одбрана во кое се додава дека продолжува операцијата во истата област.

Во соопштението на FDS се истакнува дека „турските воени авиони извеле дванаесет воздушни напади врз позиции на сириската војска во граничниот појас западно Кобане“. Во воздушните напади имаше жртви, изјави портпаролот FDS, Фархад Шемиј, без да наведе други поединости. Според него, најмалку 13 борци на оваа групација се убиени во турските напади од јули.

Курдските сили го контролираат најголемиот дел од североистокот на Сирија, која е распарчена со војната којашто избувна во март 2011 година со вооружување на сунитската опозиција од страна на Западот и сунитските блискоисточни монархии и со текот на годините стана заплеткана. Притоа, според груби процени, половина милион луѓе загинале а милиони се внатрешно раселени и пребегнале во странство.

Сириските владини сили последните години се распоредија на областите коишто ги контролираат курдските сили во близина на турската граница, врз основа на договорот со кој треба да се запре турската прекугранична офанзива против курдски борци кои Анкара ги смета за сириско крило на Работничката партија на Курдистан (PKK) која води вооружен бунт против Турција од 1980-те години.

Турција од 2016 година спроведува низа операции во Сирија против џихадистичката групација Исламска држава и против курдските формации, а од мај најави дека може да изведе голема офанзива против FDS и YPG на североистокот од Сирија.

Од почетокот на војната во Сирија, Турција ги поддржуваше бунтовниците и туркофоното малцинство и инсистираше на соборување на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Меѓутоа, минатата седмица турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу повика на помирување на владата на ал-Асад и опозицијата, што ги налути бунтовниците и поттикна антитурски протести. Но Чавушоглу во вторникот повтори дека сириските бунтовници и владата во Дамаск треба „да се помират“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.