Во Њујорк испитуваат смрт на петгодишник поврзана со Covid-19

Петгодишно момченце починало во Њујорк од ретка воспалителна болест која може да биде поврзана со новиот тип коронавирус, што укажува на тоа дека и за децата може да постои потенцијален ризик во пандемијата, изјави во петокот њујоршкиот гувернер Ендрју Куомо.

Како што појасни на редовната прес-конференција гувернерот на сојузната држава Њујорк, детето починало во четвртокот.

Куомо појасни дека лекарите испитуваат 73 слични случаи кои се пријавени во Њујорк, каде што деца покажувале симптоми слични на Синдромот Кавасаки или Синдромот на токсичен шок, во врска со респираторната болест Covid-19 чиј причинител е коронавирусот SARS-CoV-2.

„Иако ретко, гледаме некои случаи каде децата погодени од коронавирусот може да се разболат, со симптоми слични на Синдромот Кавасаки или Синдромот на токсичниот шок, коишто буквално предизвикуваат воспаление на нивните крвни садови“, рече Куомо.

Случаите на ретката по живот опасна воспалителна болест кај деца а поврзана со коронавирусот, првпат беа пријавени во Велика Британија, Италија и Шпанија, а и лекарите во САД сега почнуваат да пријавуваат случаи на деца со такви нарушувања.

„Тоа би била навистина болна вест, и би отворила сосема ново поглавје. Не можам ниту да ви кажам со колку луѓе разговарав, коишто ми кажаа дека ги прави смирени фактот дека децата не се разболуваат“ од Covid-19, рече Куомо.

Научниците сѐ уште се обидуваат да утврдат дали синдромот на воспаление на ѕидовите на артериите, кој може да предизвика и застој на органите, е поврзан со коронавирусот, имајќи предвид дека не сите деца кои ги имале овие симптоми биле позитивни на тестирањата на коронавирусот.