Во њујоршки Централ парк подигнуваат полска болница

Во Централ парк во Њујорк трае подигнувањето на полска болница којашто ќе ги прима заболените од коронавирусот, пренесуваат медиумите.

Повеќе десетици лица работеле во неделата на тревникот Ист Медоу, едно од поголемите игралишта во прочуениот њујоршки парк. Оваа локација е избрана поради тоа што се наоѓа во близна на една од болниците во Њујорк.

Болницата ја подигнува „Samaritan’s Purse“, евангелистичка хуманитарна организација од американската сојузна држава Северна Каролина, која испратила шеесетина волонтери и го координира своето дејствување со гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, американската агенција за управување со итни ситуација FEMA и со компанијата „Mount Sinai“.

„Се надевам дека болницата ќе биде оперативна за 48 часа и ќе може да прима пациенти“, рече координаторот на тимот Елиот Тепнени.

Полската болница ќе има капацитет за 68 лица и на располагање опрема и персонал неопходен за прифаќање на заболените од коронавирусот. Освен логистичките екипи, „Samaritan’s Purse“, исто така, таму ќе упати лекари и медицински сестри.

Оваа организација веќе подигна една ваква привремена болница во Кремона, на северот од Италија, исто така за заболените од коронавирусот, додаде Тенпени.

Гувернерот Куомо објави во неделата дека државата Њујорк сега има 59.513 заболени и 965 починати, податоци коишто ја прават најпогодената сојузна држава во САД.

„Болниците се полни во целиот град и потребна им е помош. Затоа сум тука“, истакна лекар на споменатата организација која има искуство во областите на воените конфликти и природни катастрофи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.