Во Љубљана почина Душан Јовановиќ, авторот на култната „Ослободувањето на Скопје“

Душан Јовановиќ, легендарниот режисер, драматург и есеист, авторот на култниот драмски текст „Ослободувањето на Скопје“, почина во Љубљана на 81 годинa. Роден е во Белград во 1939 година и важеше за еден од најплодните југословенски и словенечки драмски писатели и театарски режисери. Автор е на повеќе сто претстави, напишал бројни текстови, ТВ драми, есеи и куси приказни.

Како дете во 1951 се преселил во Љубљана каде студирал англиски и француски, а завршил и театарска режија на Академијата за театар, филм, радио и телевизија. Во воениот период како дете живее и во Скопје, во куќа на сегашниот булевар „Свети Климент Охридски“ број 9, лево од зградата на Владата. Во оваа куќа Јовановиќ ги сместува ликовите и настаните во драмата „Ослободувањето на Скопје“ напишна во 1976/77.

„Скопје е градот во кој за време на Втората светска војна проживеав дел од моето детство. За Скопје ме врзуваат можеби најубавите, најинтимните спомени на моето растење и можеби најдраматичните искуства на војната, пријателството, животот. Скопје е град во кој првпат стапнав во театар. Мојата тетка Зора Потевска, која беше учителка по пијано, ме одведе во опера. Ги гледав ‘Орфеј и Евридика’. Тоа беше доживување што неизбришливо ме обележа за целиот мој живот. Надвор, во реалниот свет, дивееше војната, нè опкружуваа слики на разурнувања, од далеку се слушаше татнеж на топови, живеевме во страв, понижување и немаштија, а во театарот одненадеж доживеав некоја поинаква димензија на реалноста: хармонија на чудесни звуци, музика, духовност, светлина и убавина. Во тој миг ме допре божицата Талија и ми ја отвори вратата во волшебниот свет на уметноста. Тоа беше судбински миг, тогаш се роди мојот љубовен однос со театарот, кој сè уште трае. Ослободувањето на Скопје е сеќавање на моето растење и веројатно мојата најдобра драма“, напиша Јовановиќ за есеистичката книга „Ослободувањето на Скопје – Антологија – игра и судбина“.

Македонската праизведба на „Ослободувањето на Скопје“ беше во 1978 во скопскиот Драмски театра, во режија на Слободан Унковски. Претставата ги освојува публиката, критиката и театарските фестивали, и доби бројни награди.

Во 2016 година „Ослободувањето на Скопје“ доби и филмска верзија, во режија на Данило и Раде Шербеџија.

Во 2007-та, Град Скопје го награди Јовановиќ со наградата „13 Ноември“.

Последен авторски текст на Јовановиќ е „Борис, Милена, Радко“ во 2013 година, а активен како режисер беше сѐ до 2017 година.