Во учебникот по историја и општество за петтo одделение: Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија

Релјефна карта на Македонија, а до неа неколку реда неточни информации. Географски невистини го красат новиот учебник по историја и општество за петто одделение. Според авторите, највисоката точка на Земјата, Монт Еверест е 20.000 метри, иако реалната бројка е 8.849 метри.

Втора сериозна грешка во учебникот е во лекцијата – со кого се граничи Македонија. Според авторите, на запад државава граничи со Бугарија, а на исток со Албанија.

Нејасно е како авторите Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска добиле дозвола да се испечати ова содржина која основците чекаат цело полиугодие да ја добијат преточена во учебник.

Ова е само еден од учебниците кои доцнат со месеци додека учениците учеа од импровизирани материјали. Првото тромесечие помина речиси без учебници. Дали и колку грешки има во другите МОН допрва ќе проверува. Министерот за образование Јетон Шаќири во разговор за Телма само кусо ни соопштити дека авторите на спорниот учебник, кој предизвика бура реакции во јавноста, за денеска се повикани на состанок.