Во Венецуела уапсени уште тројца за обидот за воен преврат

Венецуелски војници со двајца осомничени платеници заробени во петокот. Министерството за одбрана на земјата соопшти дека запленило три напуштени борбени чамци/Photo: Anadolu Agency

Уште тројца платеници се уапсени во саботата во рамките на истрагата за обидот за инвазија со цел да се собори актуелната власт во Венецуела, предводена од социјалистичкиот претседател Николас Мадуро.

Досега се приведени вкупно 34 лица во врска со инцидентот од минатата седмица кога беа убиени осум лица а 12 беа заробени при обид вооружени да се истоварат на венецуелскиот брег, соопшти претседателот Мадуро.

„Денеска фативме уште тројца платеници… Досега вкупно 34. Трагаме по преостанатите и сите ќе ги приведеме“, изјави Мадуро во телевизиското обраќање на нацијата.

Во неуспешниот обид за инвазија, којашто венецуелскиот претседател ја спореди со онаа во Заливот на свињите на Куба во 1961 година, група воени ветерани со авиони пристигнале на 3-ти и 4-ти мај во Макуто, град оддалечен на еден час возење од главниот град Каракас.

Двајца поранешни американски воени специјалци, 34-годишниот Лук Денман и 41-годишниот Ејран Бери, кои според своите признанија емитувани на телевизијата се специјалисти за урбани дејствија, сега се во затвор. Тие се обвинети за тероризам, заговор, трговија со оружје и злосторничко здружување, за што им се заканува 30-годишна затворска казна.

Другите лица вмешани во случајот се државјани на Венецуела. Не е соопштен идентитетот на загинатите во судирот со венецуелските сили на карипскиот брег.

Претходно американскиот весник The Washington Post објави документ во кој се наведува дека американската приватна компанија за обезбедување на Џордан Гудро, американски воен ветеран кој ја води компанијата „Silvercorp USA“ чиешто седиште е на Флорида имала договор со венецуелската опозиција блиска до нејзиниот лидер Хуан Гуаидор. Според нивните искази требало да подготват 50 Венецуелци во соседната Колумбија за оваа операција.

Владата на Мадуро е убедена, според признанието на заробените, дека планот бил поставување на власт преку воен преврат на Хуан Гуаидо, кого САД и педесетина земји нивни сојузници го признаа откако во јануари 2019 година се самопрогласи за привремен претседател на Венецуела.

Според сведочењето на двајцата заробени Американци, главната задача на групата била да го заземат аеродромот во Каракас од каде со авион во САД да го префрлат претседателот Мадуро, кого требале да го грабнат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.