(ФОТО) Во Вевчани се очекуваат 10 илјади посетители за утрешниот карневал

Во Вевчани можат да ви кажат се, но какви ќе бидат маските за утрешниот карневал тоа е најсвета и најстрога тајна. Василичарите се повлечени во нивните куќи и напорно работат на завршните подготовки на маските.

slika 2

Интересно е тоа што ниту една година, маските не се повторуваат, а се знае дека карневалот има традиција од 9-ти век.Вевчанци,идејата за тоа какви ќе бидат маските ја разработуваат цела година, ја обмислуваат сценографијата, а исто така и дијалозите со посетителите на карневалот. Василичарите им наоѓаат маана на секоја власт и ја сметаат за насилство врз народот. Маските и годинава ќе бидат инспирирарни од политичките, економските, социјалните, културните случувања кои ја одбележаа минатата година.

Градоначалникот Цветомир Угриновски за Нетпрес изјави дека се очекуваат околу 10 илјади гости.

„Задоволни сме од организацијата, очекуваме околу 10 илјади гости. Сместувачките капацитети се полни, иако се потребни многу повеќе. Имаме 100 легла, но не се сите на исто место туку се расфрлани, затоа дел од гостите се сместени во Струга, па и во Охрид. Веќе се пристигнати гости од странство,“ изјави Угриновски.

Во Вевчани се е подготвено за главното случување утре кога од 13 до 15 часот ќе продефилира Василичарската поворка. Тогаш ќе се претстават маските кои Вевчанци, ги подготвуваа цела година.

Денеска во рамките на програмата имаше Детско катче во кое децата изработуваа маски, има изложба на Групни маски на Илија Мурџески, а вечерва ќе настапува музичката група Ван Гог. Покрај нив ќе пејат и Куку Леле и Ѓоко Таневски. Исто така има организирано и натпревар во цепење на дрва и натпревар во пиење на вино.

Посетители кои се дојдени викендов со нетрпение го исчекуваат утрешниот настан, а дотогаш  уживаат во амбиентот и атмосферата која полека се загрева. Нетипично, но Вевчани е под магла, временска појава која жителите и не паметат дека воопшто се случила. На шега додаваат дека скопјани им ја донеле и маглата.

Вевчанци имаат култ кон водата, па оттука изворите имаат огромна важност за нив кои се посебно свето место. Изворите се наоѓаат на 900 метра надморска височина, и има седум извори кои ја полнат Вевчанската река која  е долга шест километри.Кога поповите на 13 спроти 14 јануари ќе ја осветат водата и Муслиманите од Октиси и Велешта си полнат од осветената вода како и Македонците кои ги попрскуваат своите домови.

slika 7

Интересно за Вевчани да се спомене е дека од него потекнуваат многу писатели, односно 21 писател напишале 147 наслови на книги, раскази,романи, збирки песни, монографии. Како што велат промоторите 21-от е младиот поет, познат на социјалните мрежи Дарко Лешоски кој вечерва ќе ја промовира неговата збирка песни „Дете од лоша фамилија“.

За Вевчани има направено 20 документарни филмови, и има четири книги за Вевчанскиот карневал.За него Вевчанци милуваат да кажат дека е уличен театар, театар на маски или театар на апсурдот.