Во Виена денеска продолжуваат разговорите за иранската нуклеарна програма

По неколкумесечен застој денеска во Австрија треба да продолжат преговорите за иранската нукларна програма, во обид да се рестартира процесот и да се контролира забрзаниот технолошки развој на Иран.

За првпат од март претставниците на Иран, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија, со учество на САД, во дворецот Кобург ќе разговараат за спас на „агонизирачкиот“ договор од 2015 година што има за цел спречување на Техеран да дојде до нуклеарно оружје.

Новата рунда преговори што започна во април минатата година „може да даде можност за приспособување на целите и да даде нов поттик потребен за постигнување на целите“, смета Ели Геранмае, аналитичарка во Европскиот совет за надворешна политика.

Пред да отпатува за Виена шефот на иранскиот преговарачки тим, Али Багери, ги повика САД „да ја искористат оваа поволна можност да дејствуваат одговорно“.

Претставникот на ЕУ, Енрике Мора, се очекува да ја координира средбата и да спроведува „шатл“ дипломатија меѓу американската делегација со останатите учесници.

Американскиот претставник Роберт Мали кој, исто така, се очекува да присуствува на состанокот во Виена, вообичаено престојува во друг хотел бидејќи Техеран не сака непосреден контакт. Мали во изјавата објавено пред заминувањето за Австрија не е особено ентузијастичен по однос исходот од разговорите.

„Ги знаеме нашите очекувања, но САД се подготвени да се обидат со добра волја да постигнат договор. Наскоро ќе дознаеме дали Иран е подготвен на истото“, напиша тој на Твитер.

По неуспехот на разговорите меѓу Американците и Иранците во Катар на крајот на јуни, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на 26 јули претстави нацрт-компромисен документ, повикувајќи ги страните да го прифатат за да се избегне „опасна криза“.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, синоќа изјави дека и Иран, исто така, предложил идеи и се надева оти тие ќе бидат разгледани на оваа рунда разговори.

Европските дипломати ја поздравуваат средбата во Виена, како демонстрација на волјата на сите да се продолжи напред во процесот. Неименуван дипломат на ЕУ со седиште во Виена истакна дека преговорите се позитивна работа, но оти истовремено предупреди дека „нема никакви гаранции за успех“.