Во Виетнам пристигнаа првите 16 тела на загинатите во британскиот „камион на смртта“

Роднини и пријатели, денеска, со солзи и бели рози, ги дочекаа првите тела од 39-те Виетнамци кои минатиот месец беа пронајдени мртви во британскиот „камион на смртта“.

Утринава беа префрлени 16 тела во оваа југоисточна азиска држава, соопшти виетнамското Министерство за надворешни работи.

-Мојот син конечно стигна, рече Нгуен Дин Гиа, татко на жртвата Нгуен Дин Лоунџ.

-Во длабока жалост сме, но мораме да ги потиснеме чувствата за да го организираме погребот на мојот син, изјави Гиа, кој живее во соседната покраина Ха Тин , од која се уште десет жртви.

Полицијата во Виетнам уапси десетина лица поврзани со настраданите. Во понеделникот британскиот возач на камионот  призна завера, помагање во незаконска имиграција и стекнување со криминален имот.

Семејствата ќе мора да го платат враќањето на телата на настраданите, што единечно ќе чини 2.830 долари, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи, што го пренесуваат британските медиуми.

Луѓето си заминуваат од Виетнам најчесто заради лошите шанси за вработување и еколошката катастрофа во земјата.