Во воздушен напад на пазар во Етиопија загинаа 43 лица

Најмалку 43 луѓе се убиени во воздушен напад на пазар во градот Тогога во етиопскиот регион Тиграј, изјави за Reuters етиописки здравствен функционер, откако последните денови локалното население известуваше за нови судири северно од регионалната престолнина Мекеле.

Портпаролот на етиописката војска Гетнет Адане ниту потврдил ниту го негирал нападот. Според него, воздушните напади се вообичаена воена тактика, а како што тврдел владините сили не ги целат цивилите.

Бомбата паднала на пазарот околу 13 часот по локално време, изјавила за агенцијата жена чии сопруг и двегодишна ќерка биле ранети.

„Не го видовме авионот, но го слушнавме. Кога се случи експлозијата, сите се разбегавме. По извесно време се вративме да ги собереме ранетите“, рекла за Reuters.

Додала дека на пазарот имало многу семејства, а никаде не видела вооружени лица. Жената рекла и дека „имало многу загинати“.

Репортерот на Reuters не можел да го потврди бројот на загинатите од независни извори, а соговорничката која била очевидец, како и другите извори, не сакале да го откријат својот идентитет поради страв од одмазда.

Неименуван здравствен функционер, исто така повикувајќи се на очевидци, рекол дека загинале 43 лица.

Портпаролот на премиерот Абиј Ахмед и челникот на владините сили во Тиграј не одоговориле на барањето коментар за инцидентот.

Високиот претставникан ОН за хуманитарни работи, Рамеш Раџасингам, изјави во средата дека е „вознемирен од извештаите за бомбардирањето во кое се убиени и ранети цивили на пазарот во Тогога“, и предупреди дека сите страни во судирот мора да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право. Ги повикува етиопските власти да спроведат истрага за овој напад.

Во Тиграј, каде што етиопската војска од ланскиот ноември се бори со силите лојални на Народноослободителниот фронт (TPLF), поранешна владејачка партија во регионот, не се одржуваат изборите коишто во моментов се одржуваат во другите етиопски региони. Безбедносните и проблемите со гласачките ливчиња ги одложија изборите во уште два други региона.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.