Во Загреб се применува „драјв-ин“ тестирање, помалку од една минута се зема брисот за Ковид-19

Во Хрватска нашле решение како да го забрзаат процесот на тестирање на граѓаните на коронавирус, но истовремено да ги заштитат медицинските работници. Тоа се постигнува со „драјв-ин тестирање“, но не е можно да се направи ако граѓанинот нема упат.

За само неколку секунди, граѓаните во своите автомобили или пак во такси, може да се тестираат на коронавирус. Сите кои доаѓаат мора да носат заштитни маски, но не мора сите да се тестираат, пишува „Н1“.

„Лекар од општа медицина или матичен лекар му јавува на епидемиологот, иако и тие само може да го упатат пациентот. Имаме листи кои ги добиваме навечер и на нив се лица кои според индикациите би можеле да имаат ковид-19, односно според епидемилогот се упатени да се тестираат кај нас, на „драјв-ин“ тестирање“, објаснува Јасмина Вранеш, шеф на службата за клиничка микробиологија на Заводот за јавно здравство „Др. Андријан Штампар“.

Освен што на „драјв-ин“ тестирањето може да се дојде со автомобил, може да дојдете и пеш.

Ова е направено со цел да се забрза дијагностиката и да се зголеми бројот на тестирани луѓе. Не се доведува во прашање квалитетот на тестот, тврдат лекарите.

„Сите прашуваат каков е овој тест. Не е брз, тестот се прави за три и пол часа, но е најдобриот од можните“, вели Вранеш.