Во затворски бунт во Еквадор убиени 68 затвореници

Најмалку 68 затвореници се убиени а повеќе од дваесеттина се ранети во бунт кој наводно започнал во петокот вечерта во казнената институција Литорал во еквадорскиот град Гвајаквил, соопштија властите во саботата за инцидентот кој го опишуваат како судир меѓу ривалски банди.

Речиси 300 затвореници загинале во пренатрупаните еквадотрски затвори од почетокот на годинава. Еквадор во септември го забележа највисокото ниво на насилство на криминалните банди во еден затвор во својата историја. Тогаш повеќе од сто затвореници беа убиени во меѓусебната пресметка.

Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо во изјава за BBC, пак, го истакна успехот на неговата влада велејќи дека таа не само што ја преземала контролата над затворите, туку и над регионите во земјата во коишто криумчарите со дроги направиле свои засолништа.

Ласо додаде дека Еквадор со цел да ги зајакне своите вооружени сили и полицијата ќе има потреба од меѓународна поддршка од соседната Колумбија, САД и од Европската унија за да се справи со растечкото влијание на криминалните групации.