Во земјите на ЕУ ќе се патува со дигитални зелени сертификати за сите вакцини!

Дигиталните зелени сертификати, кои треба да станат оперативни во Европската унија до почетокот на летото, ќе бидат издавани за сите вакцини против ковид-19, а граѓаните на трети земји исто така ќе можат да ги имаат. Ова е веста што стана денеска од Брисел.

Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс изјави дека Европската комисија предложила дигиталните зелени сертификати да се прошират на државјани на трети земји кои живеат или легално патуваат во Европската унија. Тој во Европскиот парламент рече дека сите граѓани на ЕУ ќе добијат ист третман кога ќе бидат укинати ограничувањата за патувања и дека ќе се издаваат потврди за сите вакцини, без оглед дали се одобрени од ЕМА или не.

– Земјите-членки ќе бидат обврзани да прифаќаат вакцини кои се одобрени на ниво на ЕУ, но тие ќе можат слободно да ги прифаќаат и сите други вакцини – рече Рејндерс.

Дигиталните сертификати не се „пасоши за вакцинација“. Станува збор за три типа сертификати што ќе бидат издавани во дигитална или хартиена форма и ќе се однесуваат на доказ за вакцинација против „Ковид-19“, на негативен тест или на доказ за постоење на антитела. Сертификатите ќе се издаваат бесплатно, а планот е ова да стапи на сила до почетокот на летото.

Предлогот на Европската комисија да воведе дигитални зелени сертификати треба да биде поддржан во Европскиот парламент и од земјите членки на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.