ВО ЖИВО: Полицијата трага по браќата напаѓачи на „Шарли Ебдо“

Во потрагата по двајцата браќа осомничени за нападот на редакцијата на сатирилниот неделник Шарл Ебдо во Париз, во кој се убиени 12 лица, вклучени се и елитните француски сили.

Тие трагаат по браќата во област североисточно од Париз.

Саид и Шериф во близина на аеродромот Шарл де Гол украле автомобил, а потоа земале и неколку заложници. Пукотници одекнуваат низ целата област, која се наоѓа на дваесет минути од шумскиот предел во руралната област Ен, каде полицијата цела ноќ трагаше по напаѓачите.

Телевизијата „Скај њуз“ потрагата ја пренесува во живо.

Саид (34) и Шериф (32) Куаши се осомничени за најголемиот терористички акт на француското тло во последните 50 години – масакр над 10 новинари на сатиричниот неделник „Шарли Ебдо“ и двајца полицајци на 7. јануари во Париз, во знак на одмазда бидејќи магазинот неколкупати има објавено карикатура на пророкот Мухамед. Издадени се налози за нивно апсење.

10:15 – Шериф и Саид влегле во една печатница во местото Дамартин ен Гол, каде држат заложници. Две лица, кои се повредени во престрелка се одведени во болница. Напаѓачите украле автомобил околу 8:40 часот. Само некоја минута подоцна дошло до размена на оган.

10:00 – Еден работник во индустриската зона во Дамартин ен Гоел чул пукање.

-Слушнав два истрела, а потоа полицајците веќе беа кај нас. Забрането ни е да бидеме во близина на прозорците и од нас е побарано да не го напуштаме местото, рекол тој.

9:25 – Во руралната област Ен, североисточно од Париз, безбедносните сили со помош на хеликоптер ја пребаруваат шумската област во која бегалците ограбиле бензинска пумпа и го оставиле возилото со кое побегнале од Париз по нападот.

Францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев изјавил дека вкупно 88 илјади припадници на силите за безбедност се распоредени ширум земјата, како и дека во недела во Париз ќе биде одржана меѓународна конференција за тероризам. Казнев рекол дека девет лица се приведени во рамки на операцијата за апсење на напаѓачите. Мурад Хамид (18), кој е осомничен за соучество во извршување на нападот самиот се предал во полиција, но не е јасно каква улога имал тој.

9:22 – Додека напаѓачите поминале втора ноќ во бегство, шефот на британската известувачка агенција МИ5 предупреди дека терористите планират „уште еден голем напад на територија на Западот“ и дека известувачките агенции се можеби немоќни да ги запрат.

9:20 – Терористичката организација Исламска држава браќата ги прогласи за „херои“ на својата радио станица Ал – Бајан.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.