Политичкиот лиде на палестинското исламистичко движење Хамас, Исмаил Ханија, беше убиен во Иран во средата, соопштија во одвоени изјави палестинската групација и елитниот корпус на иранската Револуционерна гарда.
Исламистичката фракција соопшти дека тагува за смртта на Ханија, која според обајваа е убиена во „предавничкиот ционистички напад врз неговата резиденција во Техеран“.
Во вторникот Ханија присуствуваше на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на Иран.
„Рано утринава беше погодена резиденцијата на Исмаил Ханија во Техеран, што резултираше со мачеништво на него и еден од неговите телохранители. Причината се истражува и наскоро ќе биде објавена“, соопшти иранската Револуционерна гарда.
Русија, Иран и Турција во средата го осудија убиството на лидерот на Хамас, нарекувајќи го неприфатливо политичко убиство што може да ја прошири војната во палестинската енклава на регионално ниво.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека убиството на политичкиот лидер на Хамас е „целосно неприфатливо политичко убиство“, пренесе РИА, цитирајќи го рускиот заменик-министер за надворешни работи. Тоа „само ќе доведе до понатамошна ескалација на тензиите“, се вели во изјавата на Михаил Богданов.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канаани, изјави дека „крвта (на убиениот лидер на Хамас) не е залудно пролеана“. „Мачеништвото на Исмаил Ханија во Техеран само ќе ги зајакне длабоките и нераскинливи врски на Техеран, Палестина и отпорот“, рече Канаани, цитиран од иранските државни медиуми.
Турција го осуди убиството на Ханија, близок до претседателот Реџеп Таип Ердоган, во соопштението од Министерството за надворешни работи.
„Го осудуваме убиството на шефот на политичката канцеларија на Хамас, Исмаил Ханија, во одвратен чин во Техеран“, напиша Министерството, оценувајќи дека „овој напад има и за цел да ја прошири војната во Газа во регионална димензија“.Турското министерство, исто така, соопшти дека нападот покажува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема намера да постигне мир.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас остро го осуди убиството. Палестинските фракции повикаа на генерален штрајк и масовни демонстрации по убиството на Ханија.