Воен преврат во Судан – Армијата го уапси премиерот

Воен удар го разбуди Судан утринава, кога војската уште взори уапси дел од членовите на владата и реши да ја преземе контролата во државата, а беше поддржана од илјадници протестирачи минатите денови, пишува Би-Би-Си. Ова е втор ваков удар откако претседателот Омар ал-Башир беше соборен во 2019 година, а тогаш власта војската ја подели со Силите за слобода и промени (СФЦ) во т.н. Суверен совет кој не го издржа тестот на времето.

И додека армијата го држи сегашниот премиер Абдалах Хамдок во притвор, продемократските сили и поединци повикуваат на улични протести. Луѓето веќе се собраа на улиците во Картум, интернет нема, а на социјалните мрежи протекоа слики од гневните луѓе кои палат гуми и бараат одговори.

Во соопштението на министерството за информации на Фејсбук се вели дека приведувањата ги извршиле „заеднички воени сили“, а уапсените се сместени на „неидентификувана локација“. Се вели дека г-дин Хамдок бил притиснат да поддржи државен удар, но дека одбива да го стори тоа и тој ги повика луѓето да продолжат со мирните протести за „да ја одбранат револуцијата“.

Армијата и паравоените сили се распоредени низ градот, ограничувајќи го движењето на цивили, изјави сведок, цитиран од новинската агенција Ројтерс. Аеродромот во Картум сега е затворен, а меѓународните летови се суспендирани.

Еден воен удар беше спречен во септември, а него планираа да го направат следбениците на поранешниот претседател Башир. Се смета дека со овој удар сега шансите да се организираат редовни избори, што било договорено меѓу војската и Силите за слобода и промени.

Минатиот четврток, десетици илјади луѓе протестираа во Картум за да се солидаризираат со преодната влада. Поддршката за привремената влада опадна во последниве месеци бидејќи земјата се бореше со економска пропаст.

Не е првпат Судан да доживува вакво фијаско. Уште од независноста во 1956 година земјата не можеше да најде функционален политички систем и доживеа бројни преврати.