Воени авиони го напаѓаат Триполи

Неидентификувани воени авиони нападнаа повторно цели на либискиот главен град Триполи денеска, неколку часа откако сили од либискиот град Мисрата го презедоа најголемиот аеродром во Триполи, јави БТА.

Во утринските часови жителите на Триполи слушнале звук од авиони, проследен со звук на експлозии, но не се познати други детали.

Изминатите недели во Либија се водат најтешките борби од судирите за соборување на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи во 2011 година.

Генералот Халифа Хафтар им објави војна на исламистичките сили, што придонесе за зголемување на анархијата во земјата.

Силите на Хафтар ја презедоа одговорноста за воздушните напади врз Триполи минатата сабота и недела, насочени кон групацијата „Либиска зора“ од градот Мисрата.

Групацијата вчера сепак соопшти дека го презела главниот аеродром на Триполи од соперничката фракција од западниот либиски град Зинтан. Во борбата за соборување на Гадафи, борците од Мисрата и од Зинтан се бореа рамо до рамо, но подоцна нивните односи се влошија и оваа година претворија делови од Триполи во бојно поле.