Воениот судир во Нагорно Карабах е закана за регионалниот мир

Воениот судир во азербејџанската провинција Нагорно Карабах, кој од 1994 година е под целосна контрола на ерменските сепаратистички сили, продолжува со истиот интензитет како и првиот ден од конфликтот.

Воена состојба и општа мобилизација е прогласена во Ерменија, Азербејџан, но и во спорната област на Нагорно Карабах, каде што се водат интензивни борби на неколку стратешки точки.

Властите во регионот Нагорно Карабах потврдија дека уште 15 војници се убиени во судирот со азербејџанските сили, со што вкупниот број настрадани достигна 31.

Претходно, претседателот на непризнатата Република Нагорно-Карабах пријави десетици убиени и ранети, така што не беше прецизирано колку се настрадани.

Борбите во регионот траат од неделата наутро меѓу силите на Ерменија и Азербејџан, а претставниците на Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за започнување на конфликтот.

Пропагандна војна

Од Министерството за одбрана на Ерменија соопштија дека спорниот регион бил подложен на воздушни и ракетни напади од Азербејџан. Официјален Баку, пак, тврди дека ерменските сили први отвориле оган, а азербејџанските трупи како одговор на провокацијата почнале со контраофанзива.

Во меѓувреме почна и паралелна пропагандна војна на двете страни, а во лиферуваните извештаи се говори главно за големите загуби на непријателот.

Азербејџанските претставници тврдат дека ерменските вооружени сили во судирите во Нагорно Карабах претрпеле големи загуби, наводно најмалку 550 лица се убиени и ранети, а ерменските вооружени сили загубиле и 22 оклопни возила, 15 системи за противвоздушна одбрана, 18 беспилотни летала, осум артилериски единици и три складишта за муниција.

Претходно, ерменскиот министер за одбрана Рафи Хованисијан изјави дека азербејџанската војска загубила околу 200 војници, како и околу 30 тенкови и оклопни возила.

Апели за мир

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе се обидат да го запрат насилството што изби меѓу Ерменија и Азербејџан.

– Ние многу внимателно ја следиме ситуацијата. Имаме многу добри односи во тој регион. Ќе видиме дали можеме да го запреме – порача Трамп.

Американскиот Стејт департмент го осуди насилството и повика на итен прекин на конфликтот и каква било реторика или други активности што можат да ја влошат ситуацијата.

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со ерменскиот премиер Николај Пашинијан, но деталите од разговорот не се објавени.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети поддршка за традиционалниот сојузник Азербејџан, велејќи дека Ерменија е „најголемата закана за мирот во регионот“ и го повика „целиот свет да застане покрај Азербејџан, во неговата борба против инвазијата и злосторствата“. Од друга страна, Грција го потенцираше пријателството со Ерменија и изрази подготвеност да помогне во намалувањето на тензиите во Нагорно Карабах. Во телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, и на Ерменија, Зограб Мнацаканиан, потврдени се силните пријателски врски меѓу двете земји.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика Ереван и Баку веднаш да ги прекинат непријателствата и да се вратат на преговарачката маса. Гутереш ја осуди употребата на сила и изрази жалење што меѓу жртвите има цивили.

Воени капацитети на страната на Азербејџан

Двете поранешни советски држави веќе долго време се во конфликт поради главно етнички населениот ерменски регион Нагорно Карабах, а граничните судири се интензивираат во последните месеци.

Етничките Ерменци во Нагорно Карабах прогласија независност за време на конфликт што избувна при распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Иако во 1994 година беше договорено примирје, Азербејџан и Ерменија често се обвинуваат едни со други за нападите околу Нагорно Карабах и во должина на одделната азербејџанско-ерменска граница.

Според објавените информации во јавноста, Азербејџан е поподготвен за судирот од Ерменија. Ерменија може да смета 1.696.085 резервисти, додека Азербејџан располага со дури 5.042.346 достапни луѓе во резервниот состав. Ерменија има 45.000 активен воен персонал, а во резерва 200.000, додека Азербејџан има дури 126.000 активни војници и 300.000 во резерва.

И буџетите на двете армии покажуваат нерамномерност меѓу силите во конфликтот. Ерменија располага со 1.385.000.000 американски долари, додека буџетот на азербејџанската војска изнесува 2.805.000.000 долари.

Азербејџан има двојно повеќе авиони, 147 и 88 хеликоптери, додека Ерменија располага со 64 авиони и 37 хеликоптери. Ерменија има 110 борбени тенкови, а Азербејџан 570.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.