Военото крило на Хамас подготвувало масивно ракетирање по цел Израел

„Бригадите на Изедин ал-Касам“, военото крило на радикалното палестинско движење Хамас кое управува со енклавата Појасот Газа, објавија дека подготвувале голем ракетен удар врз целата територија на Израел, но ги прекинале подготовките за него поради постигнувањето договор за прекин на огнот кој стапи на сила рано во мугрите во петокот.

„Кажуваме јасно: се подготвувавме за удар, којшто ќе ја погодеше цела Палестина од Хаифа до Рамон, но го запревме овој масивен ракетен напад врз непријателот поради фактот што се согласивме на прекин на огнот со цел да го следиме однесувањето на непријателот“, истакнува портпаролот на „Бригадите…“, Абу Убејда во писмената изјава објавена на веб-страницата на групата.

Притоа Убејда истакнува дека опцијата за изведување таков удар сѐ уште може да се разгледува пред стапувањето на сила на сеопфатното примирје. „Оваа варијанта сѐ уште е на масата“, преупредува.

Според него, Палестинците „успеале да ги понижат окупаторите и нивната армија, кои убиваа деца и уриваа живеалишта“. Абу Убејда вели дека неговата групација „го бранеше Ерусалим во името на целата арапска нација“.

Израелскиот безбедносен кабинет во четвртокот доцна вечерта едногласно ја прифати иницијативата на Египет за двостран безусловен прекин на огнот, кој стапи на сила во три часот утрото по македонско време. Советникот на првиот човек на политичкото биро на Хамас, Тахер Ан-Ноно, изјави дека движењето ќе го запазува примирјето, доколку и Израел се придржува до него.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.