Примирјето меѓу „Епл“ и „Самсунг“ траеше многу кратко и двата гиганта се враќаат во судница. Повторно во прашање се обостраните тужби поради наводното кршење на патентот, а овој пат во целата приказна е вовлечен и „Гугл“.
Накратко, во истата судница во Сан Хозе, пред истата судијка Лус Кох, која пресуди во корист на „Епл“ во првата рунда, двата големи ривали во следните недели ќе се обвинуваат за крадење на патент.
„Епл“ тврди дека во период од 2010-та до 2012-та година „Самсунг“ во САД продаваше повеќе уреди кои кршат пет патенти, меѓу кои се телефоните и таблетите од серијата Галакси.
„’Епл’ ја донесе револуцијата на пазарот на мобилни телефони. На другата страна, ‘Самсунг’ системски ја копирал иновативната технологија, производи и дизајн на ‘Епл’ и го преплави пазарот со уреди кои што ги кршат патентите“, стои во тужбата на „Епл“.
Од друга страна, „Самсунг“ наведува дека „Ајфон“ и „Ајпад“ ги кршат два нивни патенти.