Војската на Србија во потполна приправност откако косовски специјалци го заземаа Газиводе

Спрскиот претседател Александар Вучиќ нареди во саботата ставање на Војската на Србија во состојба на највисока борбена подготвеност, а полициските единици исто така се во состојба на највисока приправност откако шеесетина припадници на косовските специјални единици единици ROSU ја заземале хирелектраната Газиводе на северот од Косово, пренесуваат српските медиуми повикувајќи се на висок фунцкионер во српската влада.

Шефот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, на вонредна прес-конференција изјавил дека претседателот Александар Вучиќ, како врховен командант на вооружените сили, наредил ставање на Војската на Србија во состојба на целосна борбена подготвеност, а од министерот на полицијата побарал целосна подготвеност на сите полициски единици.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по подов настаните во северниот дел од поранешната јужна покраина вечерва во 21 часот ќе ѝ се обрати на нацијата.

Ѓуриќ, исто така, рекол дека српскиот претседател за ситуацијата на северот од Косово ги известил високите функционери на меѓународната заедница и побарал нивно реагирање во судирот согласно договорот за условите за ангажирање на косовските единици на северот од Косово.

Медиумите претходно јавија дека припадници на ROSU го заземале вештачкото езеро и хидроцентралата Газиводе, како и дека акцијата ја извеле 60 специјалци вооружени со „долги цевки“. Специјалците, според медиумските извештаи, влегле во Центарот за екологија и развој на спортот во Зубин Поток кој се наоѓа во близина на хидроцентралата.

Командата за борбената приправност е пренесена на Генералштабот на армијата, а Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека се во целосна приправност и полициските единици.

„По повод нападот на Албанците на северот на Косово и Метохија и апсењето на Срби кои не сториле никакво кривично дело, му наредив на директорот на полицијата сите специјални и посебни единици на полицијата да ги стави во состојба на најголема подготвеност“, изјавил српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

Како што истакнал Стефановиќ, министерството за внатрешни работи ќе продолжи да ја следи ситуацијата и „ќе ги преземе сите мерки кои државата ќе ги нареди“.

Во меѓувреме косовскиот претседател Хашим Тачи даде провокативна изјава дека „се возел со чамец“ по езерото кај Газиводе, бидејќи тоа е територија на Косово, а медиумите пренесуваат дека престојувал петнаесетина минути кај браната.