Војтек – Мечката, која со пиво и цигара в уста стана неповторлив воен херој

Војтек
Војтек

Во 1942 година, група полски воени затвореници, патувајќи од советскиот логор Гулаг кон Александрија, Египет, пронашле неверојатен придружник во планините на денешен Иран: мало кафено мече.

Војниците на мечето му го дале името Војтек, а неговата приказна до денес е пример за надеж, хероизам и упорност, а особено кога станува збор за желбата за конзумирање пиво.

Младата мечка била чувана во лоши услови од страна на локално пастирско момче, па истоштените војници се сожалиле и одлучиле да ја „посвојат“. Тие го понеле Војтек по својот макотрпен пат низ Средниот Исток, кадешто била формирана нова полска армија, која им се придружила на сојузниците во борбата против Германците.

На почеток, војниците го криеле мечето од своите претпоставени, хранејќи го со кондензирано млеко од старо шише вотка. Но, било тешко изводливо да се сокрие сириска кафена мечка, која расте до два метра и тежи 200 килограми, така што високите офицери го пронашле новиот член. Сепак, на среќа, тие дозволиле мечето да остане и да биде нов „припадник“ на воената единица.

Војтек, своевремено се вклучил и во 22-рата артилериска дивизија и го поминал поголемиот дел од своето време со четвртиот вод, дружејќи се со двајцата најдобри пријатели, Димитриј Савлуго и Хенрик Захаревич.

Како што Војтек растел и станувал сѐ поголем, гладот и жедта си го направиле своето, па млекото не било толку вкусно и интересно. Често го пронаоѓале во галијата, јадејќи сѐ што ќе му се најде при „шепа“. Портокалите, кои се користеле за вежбите со гранати, одеднаш исчезнувале, а омилено место за гасење на жедта му биле тушевите. Ова претставувало проблем за војниците, бидејќи ресурсите од вода и храна биле ограничени.

Принудени да му ги задоволат потребите, а да си ги надминат проблемите, одлучиле на веќе пораснатото мече да му го даваат остатокот од пиво, вино и цигари.

„Сите го сакавме, и сите уживаа во неговото друштво“, напишал неговиот пријател Савлуго, во својот биографски есеј. Тој сакаше да пие од шише и кога ќе останеше празно, љубопитно ќе погледнеше низ отворот за да види каде е остатокот од пивото. Земаше веќе запалени цигари, ќе повлечеше дим и потоа ќе ја голтнеше цигарата, додава Савлуго.

Записите на Савлуго беа објавени на интернет од страна на неговиот син Андрес Савлуго, меѓутоа не е конкретно наведено што Војтек јадел во текот на годините додека тој бил во друштво на војниците, ниту пак во која количина. Кафената мечка, како една од најголемите од своите видови, се наоѓа на врвот од синџирот на исхрана. Мечка како Војтек е способна да јаде и до 50 килограми храна дневно. Со други зборови, среќата и здравјето на „миленичето“ биле последица на трудот и љубовта на полските војници.

Со текот на времето, дружбата на Војтек со војниците му го променил и карактерот, па не му бил потребен долг период да стане ценет член на единицата. Се капел со војниците, се борел и си играл со нив, па дури една вечер заробил и крадец. Како што минувало времето, Војтек се здобил и со свој ранг и сериски број.

Во 1943 година, воената единица тргнала во Италија, каде се одвивала битката кај Монте Касино, една од најскапите борби на сојузниците.

Дотогаш, младенчето веќе прераснало во храбар војник со над 300 килограми, вредно носејќи ги сандаците со муниција на линиите на фронтот. Иако неговите воени напори често се преувеличуваат, малку е веројатно дека мечката учествувала во воена борба. Меѓутоа, неспорно е дека Војтек многу и помогнал на својата единица. Тој носел  радост и пријателство во време на незамисливи конфликти.

Иако програмите за терапија со помош на животни, за затвореници, не започнале се до 1970-тите, овие војници и нивната мечка се меѓу првите примери за придобивките од оваа терапија. Обезбедувањето на доволно храна, пиво и љубов за мечето, гледајќи го како расте, како член на нивниот тим, несомнено делува терапевтски.

Полските војници се толку ценети што сликата на Војтек беше искористена на официјалната значка на единицата, на која е прикажана голема мечка како исправено стои на задните нозе, држејќи артилерија во двете предни шепи.

Приказната на Војтек преминала многу граници. Со завршувањето на војната во 1945 година, тој се преселил на британска фарма, каде војниците биле дислоцирани.  Единбуршката зоолошка градина во Шкотска беше последниот дом на мечката-херој, каде и почина во 1963 година.

Но, неговата легенда продолжува да живее…