Волстрит расте петти ден со ред

На Волстрит во четвртокот цените на акциите пораснаа петти ден по ред, откако претседателот на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џером Пауел, повтори дека банката ќе биде трпелива по прашањето на каматните стапки.

И на повеќето европски берзи цените на акциите во четвртокот скокнаа, па така лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,52 отсто, на 6.942 поени, а франкфуртскиот DAX за 0,26 отсто, на 10.921 поен, додека, пак, парискиот индекс CAC ослаби за 0,16 отсто, на 4,805 индексни поени.

На њујоршката берза индексот Dow Jones зајакна за 0,51 отсто, на 24.001 поен, додека S&P 500 индексот порасна за 0,45 проценти, на 2.596 поени, а индексот Nasdaq се зголеми за 0,42 отсто, на 6.986 индексни поени.

Растот на индексите на Волстрит петти ден по ред, што е нивната најдолга позитивна низа од септември минатата 2018 година, доаѓа благодарејќи на повторената порака на Џером Пауел, дека Fed ќе биде трпелив по прашањето на каматите. Неговата слична изјава пред една седмица ги отстрани стравувањата на вложувачите дека американската централна банка и оваа година ќе продолжи со агресивното зголемување на каматите, по четирите зголемувања минатата година, и така ќе му наштети на растот на економијата. Меѓутоа, вчера Пауел рече и дека билансите на централната банка ќе бидат значително намалени и изрази загриженпст поради високиот американски јавен долг.

„Тоа малку ги престрави пазарите. Тоа е повеќе коментар на ситуацијата во целокупната економија“, вели во анкетата на Reuters Ренди Фредерик, потпретседател во компанијата „Charles Schwab“.

Поддршка на пазарите, пак, им дава недежите на вложувчите дека САД и Кина во дадениот рок ќе постигнат договор за трговските прашања, откако првиот годинешен круг од преговорите во средата во Пекинг е завршен во позитивна атмосфера. Кабинетот на американскиот трговски претставник објави дека Кина ветила оти ќе купува значителни количества земјоделски, енергетски и индустриски производи и услуги од САД, меѓутоа аналитичарите велат дека двете страни и натаму се многу оддалечени во врска со американските барања за структруни реформи во Кина.

Од друга страна, пак, инвеститорите ги загрижи предупредувањето на компанијата „Macy’s“ дека нејзините приходи во последниот лански квартал ќе бидат помали отколку што се проценуваше поради послабата побарувачка во декември. Цената на акцијата на „Macy’s“ падна за повеќе од 17 отсто, што ги притисна и акциите на неколку други трговски синџири.

Деновиве започнува сезоната на објавување на деловните резултати на американските компании за последното минатогодишно тримесечје, а имајќи ја предвид низата предупредувања од компаниите, се очекува побавен раст на заработките отколку во претходните квартали, кога растеле за повеќе од 20 отсто на годишно ниво. Во анкетата на Reuters аналитичарите проценуваат дека заработките на компаниите од составот на S&P 500 индексот во изминатиот квартал пораснале за 14,5 отсто во однос на истиот период една година претходно.

„Ова би можело да биде добар квартал, но можеби со попретпазливи процени на идните резултати додека не се види како ќе завршат трговските преговори. Многу несигурности се пред нас“, вели Курт Брунер, портфел менаџер во компанијата „Swarthmore Group“.

Од единаесетте сектори на S&P 500 индексот, во четврокот десет забележале раст, а падна само трговскиот за 0,2 отсто.