Волтон не е веќе тренер на Лејкерс

Еден од најголемите тимови во кошаркарската НБА лига, Лос Анџелес Лејкерс, објави дека договорно го раскинале договорот со тренерот Лук Волтон

Волтон на клупата на „Езерџиите“ седна во летото 2016 година, но во ниедна од трите сезони минати во 16-кратниот шампион не избори пласман во доигрувањето со вкупен сооднос на победи и порази од 98 – 148.

Пред доаѓањето во Лејкерс, Волтон му беше помошник на Стив Кер во Голден Стејт Вориорс, со кои ја освои титулата во 2015 година и играше во финалето во 2016 година. Додека Кер отсуствуваше од клупата поради болест, го менуваше и на позицијата главен тренер на почетокот од сезоната 2015/16.

Меѓутоа, со Лејкерс, кои последен пат играа во плеј-офот во 2013 година, не успеа да оствари позитивно придвижување на својата кариера, ниту во поглед на тимот. Уште повеќе, ниту доаѓањето на Леброн Џејмс минатото лето не донесе успех, бидејќи Лејкерс остварија само две победи повеќе отколку претходната сезона.

„Му се заблагодаруваме на Лук на залагањето изминатите три сезони и му пожелуваме среќа во продолжението на кариерата“, објави генералниот менаџер на Лејкерс, Роб Пелинка.

Откако пред три дена Меџик Џонсон отстапи од позицијата претседател на Лејекрс, сопственичката Џени Бас му даде поддршка на Волтон и се чинеше дека тренерот ќе ја зачува својата позиција, но тоа сепак не се случи.

Сепак, изгледа дека Волтон нема долго да биде без работа, бидејќи интерес за неговите услуги пројавија Сакраменто Кингс коишто откако не влегоа во доигрувањето, го отпуштија тренерот Дејв Џоргер.

Најголеми кандидати за нов тренер на Лејкерс според медиумите се поранешниот тренер на Кливленд Кавалирс, Тајрон Лу и сегашниот помошник тренер во Филаделфија 76ерс, Монти Вилијамс. Лу со Кавалирс и Џејмс во 2016 година ја освои титулата во НБА, додека Вилијамс од 2010 до 2015 година беше главен тренер на Њу Орлеанс Пеликанс каде што три сезони го водеше и Ентони Дејвис.