Вонреден состанок на надзорниот одбор на ECB поради превирањата на финансиските пазари

Европската централна банка (ECB) свика во петокот вонреден состанок на својот надзорен одбор на кој ќе се разгледува влијанието на превирањата на финансиските пазари врз банкарскиот систем во еврозоната.

Акциите на банките паднаа оваа седмица, поради загриженоста на колапсот на американската „Silicon Valley Bank“ и проблемите во швајцарската „Credit Suisse“. Превирањата на пазарите стивнаа дури откако САД обезбедија исплата на депозитите на клиентите на SVB, а швајцарската централна банка обезбеди 50 милијарди франци за „Credit Suisse“ за ја поткрепи нејзината ликвидност.

ECB на редовната седница во четвртокот повторно ги подигна каматните стапки во еврозоната, за половина процентен поен, истакнувајќи дека инфлацијата ќе биде превисока низ предолг временски период. Годинава, според најновите прогнози на банката, би требало да изнесува 5,3 отсто, а во следната 2,9 отсто. Во ECB среднорочно целат на стапка на инфлацијата од околу 2 отсто.

ECB во соопштението предупреди и дека најновите макроекономски проекции се изработени на почетокот од март, пред најновите тензии на финансиските пазари, коишто „имплицираат дополнителна неизвесност на темелните процени на инфлацијата и растот“.

Три неименувани извори изјавиле за Reuters дека членовите на управниот совет на ECB повторно значително ги кренале каматните стапки дури откако швајцарската централна банка ја обезбедила помошта за „Credit Suisse“.

Во средата неименувани извори во надзорниот механизам на ECB изјавиле за Reuters дека анката контактирала со системски важните кредитори во еврозоната за да ги испита за изложеноста на потклекнатата швајцарска банка. Еден од изворите притоа истакнал дека проблемите на „Credit Suisse“, според нивното мислење, се специфични за швајцарската банка и немаа системски карактер.

Во соопштението од седницата за монетарната политика одржана во четвртокот, ECB нагласува дека банкарскиот сектор во еврозоната е отпорен и дека се „силни“ неговите капитални и позиции на ликвидноста. Во петокот, ден по редовната седница, портпаролот на банката извести за вонредниот состанок на надзорниот одбор.

„Надзорниот одбор се состанува за да размени мислења и да им даде на челновите најнови информации за неодамнешните настани во банкарскиот сектор“, рекол еден од портпаролите на ECB за Reuters.

Извор запознаен со разговорите рекол дека целта на состанокот е следење на ликвидноста на банкарскиот сектор во еврозоната и процена на можното масовно повлекување на депозитите. Додал дека според неговите процени, ECB нема веднаш да преземе никакви мерки. Портпаролот на банката одбил да го коментира тоа.

Сличен адхок состанок веќе се одржал во првата половина од седмицава, известува Reuters. Се додава и дека на 8-ми март пазарната вредност на европските банки била намалена за околу 165 милијарди евра, според пресметките на агенцијата засновани на податоците на Refinitiv.