Вонредна состојба во цела Србија, во поплавите досега загинаа пет лица

Бројот на жртви во поплавите што во среда и четврток ја зафатија Србија се искачи на пет, а околу 700 луѓе се евакуирани, објави српската телевизија Б 92.

Владата на Србија прогласи вонредна состојба на територија на цела држава.

Како што дознава Б 92, во поплавите настрадал Д.Л. (42) од Тополе, кој загинал во спасувачка акција на реката Јасеница, а кој се водеше како исчезнат. Две лица загинале во Лајковац, и по едно лице во Белград и Нови Сад.

Во цела Србија состојбата е алармантна, Ибарската магистрала и повеќе патни правци се затворени за сообраќај, а нивоата на реките продолжуваат да растат.

Според премиерот Александар Вучиќ ова е најголема катастрофа во историјата на Србија, пренесува Блиц.

Без електрична енергија, според српската телевизија Б 92, досега останале 100.00 домаќинства, а наставата е откажана во 400 училишта во државата.