Вонредната состојба го зголеми ризикот од семејно насилство, Владата итно да подготви мерки за превенирање по укинувањето

Поради пандемијата со Ковид-19 во земјава е воведена вонредна состојба. Сите граѓани се затворени во своите домови, па така и жртвите заедно со насилниците ги поминуваат овие денови. Можноста за пријавување на насилство е драстично намалена, а зголемен е ризикот од психичко и физичко малтретирање.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство истакнаа дека домот за многу жени кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство не е сигурно место на живеење.

– Со овие мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставаат во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација. Во држава во која е прогласена вонредна состојба, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности, пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите, посочи Елена Димушевска, извршна директорка на мрежата во изјава за МИА.

Во однос на пријавите за семејно насилство во периодов откако е воведен полициска час во земјава, Димушевска вели дека се уште е рано да се да се оцени, но како што истакна, воопшто не би било изненадувачко доколку бројот на пријави не е драстично зголемен, особено ако се земат предвид околностите.

– Откако се затворија градинките и училиштата и беше прогласена вонредна состојба, жените во најголем дел останаа во домот да се грижат за децата. Пристапот до институциите е намален, повеќето од нив работат од дома или само на телефон. Контактот со пријателите и соработниците е намален, и жената е постојано во присуство на насилникот. Па оттаму и можноста да пријави насилство е намалена, односно нема можност. Дополнително, воведувањето на полициски час уште повеќе ги затвори жртвите во домот, нагласи извршната директорка на Мрежата.

Таа истакна дека е загрижувачки е фактот што бројот на пријави за семејно насилство драстично ќе се зголеми по завршување на вонредната состојба и институциите нема да можат да одговорат соодветно и да ја обезбедат заштитата за сите оние жени и деца на кои ќе им биде потребна.

– Затоа е наопходно државата итно да подготви мерки за заштита на жртвите на семејно насилство по завршување на вонредната состојба, односно да ги зголеми капацитетите за згрижување, финансиски да ги поддржи сервисите раководени од граѓанските организации и да развие модели за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви кои ја напуштиле насилната средина, потенцираше Димушевска за МИА.

Имено, по барање на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство да не бидат санкционирани жените кои ќе мора да го напуштат домот и да пријават насилство во времетраење на полицискиот час, Министерството за внатрешни работи соопшти дека граѓаните кои сакаат да пријавата кривично дело тоа треба да го сторат на бесплатниот телефонски број 192 или во најблиската полициска станица и за тоа не им е потребна посебна дозвола. Тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица.

– Истото важи и за граѓаните на кои поради извршено насилство или друго кривично дело им е потребна помош во здравствена установа, значи за тоа не е потребна посебна дозвола. Институциите функционираат без исклучоци за заштита на граѓаните и по сите пријави за семејно насилство се постапува координирано со тимовите на центрите за социјална работа, наведоа од МВР.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Националната мрежа до Владата предложи и други итни мерки за заштита на жените и децата жртви на семејно насилство во услови на криза, но за некои од нив се уште не е одговорено соодветно.

Предложија Министерство за труд и социјална политика во соработка со Министерство за здравство да развие протоколи за безбедно сместување на жени жртви на насилство и нивните деца, согласно препораките за заштита од Ковид -19, како и МТСП да објави броеви за пријава на семејно насилство кои ќе бидат функционални 24/7, посебно за секој град каде има центар за социјална работа.

МВР и МТСП, пак, на неделно ниво да објавуваат статистика за бројот на пријавени случаи на семејно насилство, поделена по градови и пол на жртва.

Една од предложените мерки е жртвите на насилство да ги користат линиите за пријавување на истото (СОС линии, МВР и ЦСР, граѓански организации) и линиите за помош и поддршка да работат преку онлајн чатови и пораки, и СМС пораки. Покрај пријавување на насилство на 192, да се наложи на службите за брза помош (194) и противпожарната бригада (193) да одговараат на повици за пријави на насилство и да ја известат надлежната полициска станица да постапи во најкраток можен рок.

Националните и локалните телевизии, како и другите видови на медиуми редовно да ги објавуваат броевите за пријавување и помош при семејно насилство и насилство врз деца, за сите градови каде што има сервиси и Центри за социјална работа. Националните и локалните телевизии, како и другите видови на медиуми да ги објават безбедносните насоки за жртвите како да се заштитат во своите домови.

Насоките за пријавување насилство и барање помош и поддршка да се објават на веб-страницата https://koronavirus.gov.mk/ каде се објавуваат сите податоци, мерки, насоки и друго поврзани со Ковид- 19 и кризната состојба. Мерките за полициски час и останување во домот треба да прават исклучоци за сторителите на семејно насилство кои, во услови на ваква вонредна состојба, мора да се отстранат од домот и да бидат приведени, притворени или сместени на друга локација.

Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство предлага сите кои работат на терен (здравствените работници, матичните лекари, граѓански организации, полициски службеници, Црвен крст итн.) итно да пријават семејно насилство во надлежната полициска станица доколку увидат дека тоа се случува. Истото да го сторат и фармацевтите и вработените во маркетите.

Да се подготват безбедносни насоки и планови за бегство кои на жртвите ќе им помогнат полесно да ја напуштат насилната средина и да побараат помош.

Специјализираните сервиси за заштита на жртви на семејно насилство кои обезбедуваат сместување, да се дезинфицираат редовно како би се превенирало пренесување на вирусот.

Да не се дозволи гледање на насилникот со децата, повторно со цел да се намали ризикот од насилство кон жрвата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Државата да алоцира средства за исплата на издршка за децата, во случаи кога истата не може да се наплати од другиот родител поради невработеност.

Изработка на плакати и стикери со броеви и насоки за пријавување на насилство кои би се дистрибуирале во маркети и аптеки на видно место, како и на семафори, бандери, автобуски постојки, се дел од предложените мерки на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Од Националната мрежа нагласија дека ги охрабруваат сите жени кои преживуваат некаква форма на семејно или интимно партнерско насилство да го пријават истото во институцијата/организацијата во градот во кој живеат, а до сите надлежни институции – Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Министерство за здравство апелираа независно од моменталната состојба, да постапат професионално при пријава на насилство и да ги преземат сите мерки што им се на располагање во насока на заштита на жртвата и нејзините деца (доколку ги има).

– Сите повици за пријава на семејно насилство треба да бидат третирани како највисок приоритет и да се преземат сите мерки за заштита, потенцираат од Мрежата. (МИА)