Вонредната состојба се користи за негирање на националното и човечко достоинство

Повторно вонредната состојба се користи како покритие за носење на одлуки кои го негираат националното и човечкото достоинство. Со последната одлука за печатење на пари со зборот на С пред Македонија, уште еднаш докажуваме дека не сме созреани да ја сфатиме магнитудата на повеќеслојното девастирање кое и’ претстои на Македонија, реагираше во понеделникот Драган Ковачки.

Драган Ковачки, потполковник во АРМ, во декември минатата година беше првиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада, кого го одби владата, поради наводно уставни ограничувања. Тој реагира на објавата на одлуката на владата предводена од Оливер Спасовиски од СДСМ од 3-ти април годинава, објавена во Службен весник за печатење пари со изменети белези и новото име на земјата, произлезено од Преспанскиот договор со Грција.

„Во ниту еден случај, а особено сега кога власта ја има апсолутната моќ со сериозни елементи на автократија, не смееме да дозволиме партиската агенда да биде над државната“, пишува уште Ковачки,

Прашува дали, имајќи предвид дека економијата во земјата е пред колапс, можеби во заднината на одлуката токму сега да се печатат банкноти со придавката „Северна“ се крие е обидот да се избегне поширока дискусија во општеството и реакција на грѓаните.

„Јас ги поддржувам сите мерки кои носат бенефит за граѓаните, посебно оние кои се однесуваат на заштита на животот и здравјето, но мислам дека последните одлуки со печатењето на пари со несреќната кованица не се во таа насока. Крајно време е власта да ја сфати сериозноста на ситуацијата“, напиша Ковачки