Вооружени судири ширум Авганистан

Во судири помеѓу армијата и талибанците во Авганистан во последните 24 часа загинаа десетина луѓе, соопштија властите во Кабул, а САД се обидуваат да посредуваат во мировните преговори.

Во синоќешниот напад на талибанците врз контролен пункт во близина на руникот за бакар во провинцијата Логар загинаа осум припадници на авганистанските безбедносни сили.

Талибанците нападнаа и неколку контролни пункта во провинцијата Сар е Пул, при што загинаа 11, а повредени се 19 војници.

Авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во операција во провинцијата Логар ликвидирани се 20 талибанци.

Во судирите во провинцијата Кандахар загинаа четворица припадници на безбедносните сили и 31 талибанец, додека во провинцијата Газни во експлозија загинаа четворица цивили.

Договорот потпишан помеѓу САД и талибанците предвидува повлекување на американската армија од Авганистан, а авганистанската Влада се обврза да ослободи околу 5.000 талибанци од државните затвори, а талибанците да ослободат над илјада затвореници. Но, размената на затвореници не се одвива како што е предвиден поради стравот од ширење на новиот коронавирус помеѓу населението.