Вооружените од инцидентот на протестите се полицајци?

Еден од двајцата „пиштолџии“ кои беа приведени за инцидентот на плоштадот „Скендербег“, за време на народниот протест против францускиот предлог, е ослободен по насока на шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски. Тој е казнет со 1200 евра и му е одземен  пиштолот „Walther P99“ кој го имал со дозвола, неофицијално дознава НетПрес.

Според вчерашното соопштение од Министерството за внатрешни работи С.Р. (34) бил идентификуван како лице кое за време на инцидентот држел пиштол во раката, но не го употребил.

Кој е Садула „ДУЛО” Рустеми?

Рустеми е сопственик на „CLIQUE bar“ во Скопската сата чаршија, роден 1988-та од скопското село Сингелиќ, член на ДУИ и шура на командирот на Полициската станица Бит пазар, Енвер Селами.

Дозволата за пиштолот му е издадена со потпис на неговиот шура Енвер Селами, кој бил претседател на комисијата за оружје.

Локалот „CLIQUE bar“ се наоѓа во станичното подрачје на ПС Бит пазар каде што Селами е командир. Воедно, „CLIQUE bar“ е местото од каде што излегле „пиштолџиите“ и полицајците во цивил.

Пред настанот, СВР Скопје/ ПС Бит пазар го немаше обезбедено со полиција плоштадот „Скендербег“ и платото пред стоковна куќа „Мост“, влезот на старата Скопска чаршија, што важи за критична точка. Бидејќи, токму од тој деј само ден претходно група Албанци фрлаа камења и други предмети кон поворката која се движеше од Владата, кон Министерството за надворешни работи и како крајна дестинација Собранието.

Според информации на НетПрес, по настанот, СВР Скопје нема извршено претрес на објектот „CLIQUE bar“ и на другите објекти во близина од каде излегоа напаѓачите, нема извршено претрес на лица, нема одземено снимки од блиските надзорни камери од објектите.

Одговорно лице за безбедносното подрачје е токму командирот на ПС Бит пазар, Енвер Селами, а од него никој не побарал одговорност за несовесно вршење на служба со непреземање дејствија со што се дозволи загрозување на животот на граѓаните и меѓуетнички судир.

За потсетување, лицето кое пукаше со пиштол и за кој е одреден притвор од осум дена е Цуфи Кока, брат на на в.д. директорот на комунална хигиена од Алијанса за Албанците (АА), Зуди Енузи Кока, кој експресно е сменет од функцијата, веднаш по инцидентот.

Еден час пред инцидентот, Кока на својот фејсбук профил објавил порака во која од името на партијата Алијанса на Албанците повикува на мирни протести и го осудува вандализмот, говорот на омраза и навредите кон Албанците. На насловната фотографија на фејсбук профилот на Кока, тој е сликан со лидерот на опозициската Алијанса на Албанците, Зијадин Села.