Вован и Лексус: Никого немаме излажано така како Заев

Руските пранкери Владимир Кузњецов – Вован и Алексеј Стољаров – Лексус, изминатиов период беа меѓу главните теми во Македонија и Балканот, по објавувањето на разговорите со македонскиот премиер Зоран Заев.

Тие му се претставувале како експретседателот на Украина, Петро Порошенко, и како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Вован и Лексус во интервју за српска „Политика“ велат  дека освен македонскиот премиер, досега не успеале да лажат некој друг функционер цела година.

На прашањето какви впечатоци добиле по разговорите со Макрон, Ердоган, Јункер, Хуан Гваидо, Ѓукановиќ, Заев, Харадинај, Борис Џонсон, Федерика Могерини и вработените во американската администрација и конгресмените, тие велат:

„Макрон е прилично блага, фина личност. Гваидо во разговорот не остави впечаток на независен политичар. Борис Џонсон, и покрај комичноста во јавноста и ексцентричноста, всушност е многу интелигентен и ладнокрвен политичар. Харадинај се обидува да остави впечаток на љубезен дипломат, но слабо успева во тоа. Но премиерот Заев е навистина неверојатна личност. Ниту еден политичар пред него не успеавме да лажеме на таков начин речиси една година, и покрај фактот дека имал состаноци со претставници на вистинските украински власти. Но најважен заклучок е дека сите политичари се луѓе, како и ние. И имаат слабости и проблеми како и ние“.

На прашањето зошто дури неодамна ги објавиле разговорите со Заев имајќи предвид дека последниот разговор го имале на 20 април 2019 година, тие велат:

„Македонија ни го привлече вниманието во август 2018 година, затоа што светските и руските вести почнаа да јавуваат за неминовно преименување на земјата. Го добивме Заев, но по првиот разговор одлучивме да почекаме уште малку за да слушнеме од него уште важни информации. Тој ни го даде мобилниот телефонски број, па продолживме да комуницираме преку „Воцап“. Но, интересот на медиумите за Северна Македонија набргу исчезна, па со премиерот комунициравме повремено. Последниот разговор со него ни беше на 20 април, затоа што беше јасно дека Порошенко следниот ден ќе изгуби на изборите. Ја објавивме снимката дури по два месеца, затоа што една недела подоцна имавме поважен разговор со претседателот Макрон“.

Секогаш сме заинтересирани за нови земји, додаваат пранкерите.

„Кога во медиумите ќе се појави тема за некоја држава или некој регион, размислуваме за тоа што може да се направи, со кој ќе разговараме, кои проблеми треба да ги нагласиме. Односите меѓу народите на Балканот беа кревки и пред да се вмешаме ние. Балканот стана предмет на интерес пролетта 2017 година кога во светот активно се расправаше за наводен проруски обид за државен удар во Црна Гора“.

Двајцата пранкери негираат дека се руски шпиони и тврдат дека таквите шпекулации ги шират западните либерални медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.