Воз со републикански конгресмени удри во камион, една жртва

Патнички воз на компанијата „Amtrak“ со кој се превезувале републиканските пратеници во американскиот Конгрес коишто патувале од Вашингтон во сојузната држава Западна Вирџинија на годишен собир, налетал во средата на камион на чистење во Крозета при што загинало најмалку едно лице.

Потврдена е смртта на едно лица, а второто е тешко повредено во сударот, објави Белата куќа. Според медиумите, настраданите се наоѓале во возилото за собирање на сметот, а повредениот во болница бил превезен со хеликоптер.

„Нема сериозно повредени меѓу членовите на Конгресот или нивниот персонал“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс додавајќи дека претседателот Доналд Трамп е информиран за ситуацијата во Вирџинија, и регуларно му се доставуваат информациите.

Според различни извори, повредени се околу 20 патници во возот, од кои само четворица, вклучувајќи и двајца железнички работници требало да бидат хоспитализирани. Портпаролката на Конгресниот институт кој е спонзор на конференцијата, изјави дека еден член на Конгресот бил упатен во болница, а оти некои се полесно повредени.

Возот ги превезувал пратениците, заедно со членови на нивните семејства меѓу кои имало и деца, на традиционалниот собир кој годинава се одржува во Вајт Салфар Спрингс во Западна Вирџинија. Засега не е познато дали ќе се одржи републиканскиот собир кој требаше да трае до петок, а на кој беше за во средата и четвртокот најавено и учеството на претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс .

Ваквите собири на републиканските пратеници им даваат можност да разговараат за законите и политиката во рамките на подготовките за изборите за Конгресот во ноември.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.